Китот орка Вики е првиот што прави препознатливи звуци кои не се дел од неговиот природен репертоар, туку вклучуваат зборови од човечкиот јазик, како „здраво (hello) и „чао“ (bye bye).
фотоизвор: Flickr
Интернационален тим од истражувачи објавил студија во која се демонстрираат способностите за говорење на китот Вики, кој има 14 години и живее во аквариумот „Мериленд“ во Антиб, Франција. Орките се многу интелигентни цицачи, па затоа се и смртоносни за својот плен, но се и редок случај на соработници со луѓето. Често се атракција во водените паркови каде што експерти ги тренираат, а живеат во групи. Досега е познато дека орките имаат сопствен дијалект и тој се разликува од група до група, што е навистина неверојатно. Но, се покажува дека имаат способност и за учење нови дијалекти и зборови. На пример, кога група орки биле поставени да живеат со делфини во период од 3 години, нивната вокализација почнала многу да потсетува на онаа од делфините.
Китот Вики веќе бил трениран да одговара на команда како дел од претходно истражување.
Истражувачите, користејќи ја таа команда, ја научиле Вики да ги кажува зборовите „здраво“ и „чао“, како и да повторува броеви. Ова е првпат кит орка да биде истрениран да научи и да повторува човечки звуци.
Вики ги научила звуците во просек по 10 обиди. Иако не можела секогаш да направи совршена копија на она што ја учеле, сепак звуците што ги испушта се препознатливи. Но, нема докази дека Вики ги разбира звуците што ги прави. Експертите велат дека постојат докази оти орките имаат способност за менување на вокализацијата како одговор на она што го слушаат во своето опкружување.
Звуците што ги прави китот може да ги слушнете на овој
линк.