X
 04.02.2018 Живот

Која е тајната на кавадаречкиот геврек?

Уште од дете многу сакав да се врткам во фурната. Во основното училиште дури и година повторив заради овој занает. Бегав од училиште, се пикав во фурната и ми беше кеф да гледам како се прави. Уште од тогаш знаев дека ќе го работам ова – вели Никола Јованов, сопственик на една од најстарите фурни во Кавадарци



Секое место си има свој мирис и вкус, своја историја, своја приказна. Најчесто храната е таа што ги обединува луѓето, па по разновидни специјалитети се познати различни градови. Ако барем еднаш сте го посетиле Кавадарци, сигурно сте пробале кавадаречки ѓеврек. Без никој да се налути од Велес или Неготино, тоа е највкусниот ѓеврек што некогаш сте го пробале.

Серијалот на факултети.мк за Кавадарци го завршуваме со приказната за ова едноставно, а маестрално печиво. Разговаравме со Никола Јованов, сопственик на една од најстарите фурни во градот, „Вкус“, а за кавадарчани повеќе позната како Ѓевреците на Фурци.


Фото: Радио Телевизија Кавадарци 

Кавадарчанецот Јованов го наследил овој занает од својот дедо. Тој е сопственик на фурната која полни 35 години. Ни раскажа дека неговиот дедо го почнал занаетот во 20-те години на минатиот век, кога имал само 9-10 години и почнал да работи прво како чирак.

-Останал од мал без родители и се грижел за другите браќа и сестри токму со правењето ѓевреци. Тој се пензионира во март 1982 година и оттогаш јас ја водам фурната. Уште од дете многу сакав да се врткам во фурната. Во основното училиште дури и година повторив заради овој занает. Бегав од училиште, се пикав во фурната и ми беше кеф да гледам како се прави. Уште од тогаш знаев дека ќе го работам ова - ни призна Јованов. Која е тајната на кавадаречкиот геврек, го прашавме нашиот соговорник.

-Нема тајна. Геврекот го изработуваме целосно природно – брашно, квасец, сол, шеќер, никакви адитиви. Моето искуство тоа вели. Тајната кај нас е варењето на тестото. И сусамот си го прави своето. Каков што е денес, таков бил отсекогаш. Ѓеврекот е останат од Турците, тоа е турско наследство и е ист отсекогаш – вели Јованов, кој ни објасни дека во градот има повеќе пекарници што го прават овој специјалитет, и дека добар дел од нив се негови ученици.

Околу 200-300 гевреци дневно произведуваат заедно со неговата сопруга и останатите вработени. Продаваат и низ градот со препознатливите стаклени колички, но луѓето, вели тој, најмногу сакаат да си купуваат од фурната, да е топло.

-Интересот не стивнува, барем во Тиквешијата. Имало секакви конкуренции, ама ниедно печиво не успеало да го уништи. Како секој град што има некој производ, кај нас е геврекот. Луѓе од цела Македонија поминуваат и задолжително застануваат да си купат ѓеврек. Гевреци купуваат и за да пратат на наши луѓе во Америка, Канада, Германија – вели главниот мајстор за гевреци во Кавадарци.

Некогаш имале и продавници во кои ги продавале гевреците, ама веќе 20 години се затворени оти, сепак од фурната најмногу се трошеле. Фурната се наоѓа на истото место речиси 60 години.

Јованов има два сина, кои не покажале многу интерес за производството на гевреците.
-Децата завршија факултети, едното е во Америка, другото е тука. Работиме со сопругата, а имаме и уште двајца вработени. Не сакам да ги малтретирам со оваа работа, нека си бркаат своја работа. Ако нешто не им успее, секогаш може да ја наследат фурната – вели Јованов.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот