X
 04.12.2017 Живот

Приказна за катранот - како Кавадарци произвело најквалитетен опиум на Балканот

Постои запис дека првпат го донел еден наш војник од селото Пепелиште, во цевката на пушката. Тој од Анадолија донел семе, го засадил и така почнало производството на афион во 1848 година, вели Петре Камчевски, историчар, кустос-советник и директор на Музејот во Кавадарци

 

Кога војникот од Пепелиште во 1848 година се вратил од Анадолија, со себе донел нешто многу вредно, нешто многу важно, нешто што 70 години подоцна ќе биде причина богатството на сиот кавадаречки регион нагло да порасне. А речиси 170 години подоцна да биде дел од сценариото на копродукциската серија „Сенки над Балканот“ што деновиве е актуелна и во нашата земја.
Војникот од Пепелиште донел ситно семе. Едвај да можете да го фатите зрното со два прста. Војникот донел семе од афион. Го сокрил во цевката од својата пушка и во 1848 година го засадил во нивата околу Пепелиште. Но, војникот не ни сонувал дека од семето што го донел неколку децении подоцна фармацевтската индустрија од Германија ќе откупува тони афионов катран – опиум.
- Така почнало производството на афион во Македонија – ни раскажува Петре Камчевски, историчар, кустос-советник и директор на Музејот во Кавадарци.


Директорот на кавадаречкиот музеј, Петре Камчевски: Тајната е во ѓубрето

Камчевски ја почнува приказната за афионот во Кавадаречкиот Регион. Вели дека според историските извори, производството на афион нема долга традиција.
- Постои запис дека првпат го донел еден наш војник од селото Пепелиште, во цевката на пушката. Тој од Анадолија донел семе, го засадил и така почнало производството на афион во 1848 година. Тоа го имаме како запис и го знаеме. Но, поради добрите климатско-географски услови, почвата и сè друго, се случило нешто интересно. За производство на добар и квалитетен опиум (катран), неопходно е овчо ѓубриво. Селата, особено оние по текот на Црна Река - Дреново, Камен Дол, Фариш, Сирково, Росоман, таму се произведувал најквалитетниот опиум, кој имал 18,10 морфиумски единици. За споредба, опиумот произведен во Куманово имал 17,49, во Велес – 17,60, во Скопско околу 17,30 морфиумски единици. Мерењата покажале дека предуслов да се произведе добар катран е ѓубрењето на полињата со овчото ѓубриво – раскажува Камчевски.

Кавадарци во 1918 година

Бидејќи Кавадаречко произведувало најквалитетен опиум, опиумскиот оддел на Првилигираното извозно друштво (ПРИЗАД) со седиште во Белград, кое било одговорно за купување на опиумот од македонските производители, имал посебна подружница во Кавадарци. Тие ги вршеле и мерења, кои покажале дека тиквешкиот катран бил најквалитетен во Македонија, со најмногу морфиумски единици.

Завиткан во афионовите лисја го носеле директно во Германија

Кон крајот на 18 и почетокот на 19 век имало еден концесионер, Германец, Јохан Цајзер, кој од турските власти зел голем имот кај селата Ресава и Паликура. За него пишувал и Николај Сурин, руски полковник дојден во Кавадарци да го надгледува спроведувањето на Мирцтешките реформи во Турската Империја.
- Полковникот Сурин го посетил имотот на Цајзер и видел дека тој, за разлика од другите земјоделци во Кавадарци, имал железни плугови, коњи специјално донесени од Германија, имал дури и машина за садење на афионот. Го садел по редови, од едниот до другиот ред имало 60 сантиметри, на 10 сантиметри. Според неговите кажувања, само од продажбата на опиумот тој годишно заработувал по околу 1.000 турски лири. Најголем дел од катранот го носел директно во Германија за потребите на фармацевтската индустрија – раскажува Камчевски.


Кавадарци во 1924 година: свадбата на Алексо „Ацо“ Тонков

Катранот тука не бил преработуван. Бил пакуван сиров, завиткан во афионовите лисја за да не се суши. Камчевски раскажува многу детали за производството на афионов катран во Кавадаречко, бидејќи и тој потекнува од производители на афион. Вели дека во Кавадарци до 1958-59 година немало куќа што не произведувала афион.
- Паметам, бидејќи и моите произведуваа. Беше доста доходовен. Велеа дека на 1 хектар земја се произведуваат од 12 до 15 килограми сиров катран (опиум). Процесот на производство почнувал во септември, октомври, кога се ораат нивите. Се сади на крајот на октомври, почетокот на ноември. Во афионот има доста работа. Некаде во раната пролет е првото запрашување. Афионот е едногодишно растение, расте до висина од 1,5 метар. Има убави цветови, може да бидат бели, црвени. Кога бев мал, семето беше бело, а потоа донесоа нови сорти на афион со темносино, сиво семе. Се велеше, барем дедо ми така ми кажуваше, дека со семето ги надоместувале трошоците за одгледување афион, додека катранот бил „чиста заработка“. Имаше доста добри години, родни, кога од него можеше да се направи куќа, барем карабина. А со другиот род веќе се „закуќувавме“ – раскажува Камчевски.



Производството на афионовиот катран е макотрпна работа. Камчевски се сеќава кога бил уште детенце, имал 6-7 години, постарите не му давале да го зарежува бидејќи тоа е посложен процес и го работат вешти луѓе што го знаат тоа.
- Но, ми останало во сеќавање дека дента кога афионот се зарежуваше, некаде во јуни, дедо ми постојано гледаше во сонцето, па дури се консултираа дали утре ќе врне?! Тоа беше многу важно бидејќи откако се зарежуваше афионот, испушташе бело млеко. По час-два почнува да добива розова, на крајот кафена боја. Ако случајно заврне дожд, особено ако е силен доцнопролетен дожд, знаеше целиот труд да го измие. И беше многу важно денот кога се собираше афионот да биде убав, сончев ден – се сеќава Камчевски.

Производството кулминирало меѓу двете светски војни

Производството на афионов катран кулминирало меѓу двете светски војни. Во Кавадарци, со околните села во 1925 година е регистрирано рекордно производство на катран (опиум) - меѓу 80.000 и 100.000 килограми. Но, со донесувањето на Женевската конвенција во 1933 година нагло паднала цената на афионот. Така се намалило и производството, кое опаднало на 20.000 до 25.000 килограми.


За време на штрајкот на камионот пишувало: „Лоповска банда“

- Особено кога производството го презело државната компанија ПРИЗАД. Тие се служеле со најразлични манипулации. Знаеле да поткраднуваат и на вагите и на квалитетот на афионот, кој се плаќал врз основа на неговите морфиумски единици. Така во 1936 година во Кавадарци бил регистриран штрајк против ПРИЗАД. На камионот, кој личел на автобус, напишале „Лоповска банда“ бидејќи луѓето веќе биле сигурни дека ги крадат. Организирале штрајк, полицијата се замешала во целата работа и на крај било донесено решение да се формира комисија во која ќе има и претставници од производителите. Кога повторно го мереле афионот, се покажало дека ПРИЗАД украл од производителите речиси 200 килограми, што било голема количина. Луѓето знаеле и тогаш да го искажат својот револт – раскажува Камчевски.
Седиштето на ПРИЗАД во Кавадарци било близу хотелот на дедото на Камчевски - Петре Американецот, кој во тоа време во центарот на Кавадарци го поседувал хотелот „Југославија“.

Опиум со знакот на „Машала“ легално се продавал

Целото производство на афионов катран одело во Германија, за потребите на фармацевтската индустрија. Дали во тоа време се продавал катранот на црниот пазар? - Кога собирав материјали за книгата „Лозарството и винарството во Тиквешијата“ наидував на разни интересни материјали и податоци. Во тогашната Турска Империја, обично во турските кафеани, се продавал сиров опиум во форма на зрнца не поголеми од зрно грашок. Зрната биле со знакот на „Машала“, што значи дека имале жиг, веројатно одобрен од страна на тогашните државни власти и се продавал легално. Турците го ставале во тутунот и го пушеле. Во тој период, крајот на 19 век, и јавно се продавал во малопродажба – раскажува Камчевски.

 
Кавадарци, 1918 година

Опиумот имал и друга намена. Бидејќи сите фамилии што произведувале опиум биле со повеќе деца, мајките често ги носеле и малите на нива.
- Бебе како бебе. Да не им додева на родителите додека работат, мајката знаела на нокотот да нагребе афион, да стави во млекото, да го измеша и детето до вечерта да не мрдне – раскажува Камчевски.
Во Кавадарци, близу до неговата куќа, живеело и семејството Мукаетови, исто така големи производители на афион. - Диме Мукаетов беше познат трговец, потекнувал од богато и имотно семејство. Велат, кога ќе се врателе од нивата во дворот, а таму се сушеа пити од афион, и кога ќе наседнат во дворот под сенката на орев или маслиново дрво, едноставно од мирисот што го испушта афионот сите беа успани, како да се опиени – раскажува Камчевски.

Знаете ли што е шарлаган?

Покрај производството на опиум, големо значење за Кавадарци имало и афионовото семе. Во градот во еден период имало околу 15 шарлагалници – работилници, мелници за производство на шарлаган – афионов зејтин.



- Во уличката во која живеев имаше шарлагалница на Кујунџиеви, која работеше со помош на коњска запрега. И тоа работеше во сезона, два-три месеци, обично во есенските денови, по собирањето на афионот. Една норма на еден работник се викаше нобед - 60 килограми афионово семе, кое се става во котел, се пече на оган, а за цело време додека се пече се врти со една дрвена лажица – гелебија. Откако ќе се испече, се става во динкот (каменот), се врти, го меле семето и се цеди зејтинот. Се собира потоа во посебна арнија. Остатокот се користи за исхрана на добитокот. Кавадарци и Велес важат за најголемите производители на шарлаган. Една шарлагалница во Кавадарци дури работела и на парен погон. Другите работеле рачно или со помош на коњска запрега – објаснува Камчевски.

Продадов 48 килограми катран во „Алкалоид“

На прашањето дали имало злоупотреба и нелегална продажба на опиум, тој одговара дека секој што сакал да го злоупотреби можел, оти сите имале опиум во сопствено производство. Кон крајот 70-тите и почетокот на 80-тите години имало два такви случаи.
- Од старите резерви што луѓето ги чувале за „не дај Боже“ на таваните, во подрумите, закопани во земја, се појави една група која речиси знаела како од катранот да направи морфиум. Ги фатија. Беа големи случаи, беа осудени по неколку години затвор – вели тој.
Остатоци од старите реколти имало и во неговото семејство. На таванот во старата куќа имало сандак. Бил заклучен и децата не знаеле што има внатре. Еднаш го прашал деда си, а тој им одговорил дека се алати од чичко му, кој бил столар, заминал во Нови Сад и станал воено лице.


Заборавените сандаци, полни со катран

- Сандакот бил од крајот на 30-тите години, кога цената на афиновиот катран била депресивна. На луѓето не им се исплатело да го продадат. Дедо ми го чувал мислејќи дека цената еден ден ќе порасне. Во 1977 година, имав братучед во Скопје, работеше во „Билка“. Тој ми кажа дека „Алкалоид“ понудил амнестија за сите што имаат стари резерви од катран, за да ги откупи. Во тоа време бев спортист, имав голема торба, зедов уште една мала, за преку раме, и во „Алкалоид“ однесов 48 килограми катран. Сите пари што ги добив му ги дадов на дедо ми. Тој купи златни „Титовки“ и ни ги подели на сите 12 внуци. Тоа беа малку пари. Ако направите споредба со цената на црниот пазар, беше како да продадеш помалку од еден килограм. Ама дедо ми велеше дека му олесни на душата кога го даде – раскажува Камчевски.

Искоренувањето на афионот во Македонија

По Женевската конвенција нагло се намалило производството на афион. Се произведувал и понатаму, но во мали количини. На негово место почнува интензивно производство на лозје и вино.
- Макар што и дотогаш имало винова лоза, паралелно со афионот. Се произведуваше и по Втората светска војна, до 60-тите години. Во месноста Белград, кај Овчка Река, другиот дедо имаше 3-4 ниви. Една година се садеше јачмен, а другата година афион. Никогаш на иста нива две години по ред не се сади афион. Веројатно на крајот на 70-тите сосема се искорени афионот од полињата во Тиквешијата. Во 80-тите години беше забрането зарежувањето на афионот. Се произведуваа афионови чушки, кои се кршеа, целосно се собираа и заедно со семето се носеа на обработка. Или семето посебно се вадеше, а самите чушки ги откупуваше „Алкалоид“ – завршува Камчевски.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот