Пред 20 години се случи премиерната изведба на „Убавицата и ѕверот“ во сегашниот простор на нашиот театар. Од премиерата на 6 февруари, 1998 година, оваа претстава, цели 20 години е на тековниот репертоар на театарот. Наскоро ќе ја доживее својата 350-та изведба, а со тоа ќе го постави рекородот на најиграна претстава во Македонија. „Убавицата и ѕверот“ се играше и на многу други сцени во нашата земја, но и на престижни меѓународни фестивали во странство. Ги има освоено наградите за најдобри костими изработени од Александар Ношпал, но и награда за најдобро актерско остварување за нашата Тања Кочовска на големиот меѓународен фестивал за детски претстави во Суботица. А претставата денес ја доживува најубавата награда од публиката - искрената смеа и силниот аплауз по секое нејзино завршување во овој наш мал но значаен простор. Оттогаш па до денес „Театар за деца и младинци“ создава бајки за деца и приказни за младите луѓе. Во него живее светот што ја сака детската имагинација, имагинацијата воопшто. Тоа е светот што ја слави идејата за детски насмевки, палави приказни, необични ликови и младинска жар.
Нашата историја има зад себе повеќе успешни и убави театарски приказни. На сцената и други претстави доживеале долг век и некои од нив се’ уште се играат. Претставата „Зрното грашок и принцезата“ е изиграна 237 пати, „Снежана и седумтте џуџиња“ – 237 пати. „Македонска приказна“ има најголем број на гостувања на меѓународните фестивали. Претставата донесе дури три гран при награди, две награди за колективна актерска игра, актерска награда за Татјана Павловска Кочовска, награда за режија за Боњо Лунгов и награда за музика за Драган Даутовски. И секоја претстава, што се правела во овој театар, е направена со ентузијазам, пожртвуваност и љубов. И секоја нова претстава ќе се прави така.
Ансамблот, актерите, раководството, воопшто театарски дејци на ТДМ без престан носат идеи и ги разменуваат со нашите соработници однадвор. Тие се жедни за уште идеи, жедни да ги превртат старите приказни и бајки и повторно да ги обмислат со современ пристап и ритам. Тие се неуморни. Ете доказ за тоа е прекрасниот јубилеј што овој месец го слават нашите реномирани актери Изабела Новотни и Владимир Лазовски кои се цели, плодотворни 25 години во ТДМ.
За секое столче, секоја карта на многу наши претстави се случува „брканица“ и „борба“. А имаме само 112 седишта. На сцената можат да се види богатство од бои и ликови од познати и нови бајки. Може да се видат драмски случки кои и децата и родителите ги носат низ вртоглаво смешни приказни кои ја разигруваат нивната фантазија. А сцената зафаќа речиси само 35 метри.
Поради сето ова, со голема, детска радост, „Театарот за деца и младинци“ организира коктел и изложба, со ретроспектива на изминатите години 20 години од театарскиот живот на „Убавицата и ѕверот“ и создавањето волшебни светови во тој дух. Затоа на 6.2.2018 г. ги очекуваме театарските дејци кои придонеле за развојот на театарот и дејците кои сакаат да ја чујат приказната за богатата историја на овој простор. Поканети се новинари, медиуми, театарски сладокусци и се разбира, очекуваме и широка публика на настанот „20 години УБАВИЦАТА И ЅВЕРОТ во ТДМ“.
Овој театар сака да биде навистина немерливо поголем во имагинацијата и поплоден со своите претстави а со тоа и помоќен развивач и чувар на детската фантазија, образование, интелигенција и хумана мисла. Сепак, Љубомир Чадиковски, првиот директор и многу успешен раководител на овој театар во самите почетоци рече:„...ова гледалиште ќе стане претесно и за потребите на ансамблот и за потребите на публиката.“ Ние прашуваме: Дали е широко за нашите големи идеи?