Во Новата година, Театарот за деца и младинци од Скопје воведе и нова цена за картите. Наместо досегашните 150 денари, родителите ќе треба да платат по 200 денари за претстава. Одлуката за поскапување на картите за 30 отсто ја донел управниот одбор на Театарот на средба во ноември.
Родители реагираат дека тоа ќе се одрази на интензитетот на нивното посетување на театарот.
-Јас сум мајка на две мали деца. Досега не се случило да пропуштиме претстава и обично купував по две карти. Ама, децата веќе потпораснаа и сакаат да седат сами, па со новите цени, ако треба и за мене да купам влезница, треба да платам 600 денари. На тоа да ги додадам трошоците за превоз, една претстава ќе не чини многу. Сепак, мислам дека цената од 150 денари беше реална и многу подостапна – вели мајка од Скопје.
Директорот на ТДМ, Братислав Димитров објаснува дека поскапувањето има оправданост.
-Нашиот театар има хонорарци (чувари, вратар, хостеси, гардероберка, шивачка... ) без кои не може да функционира, а нив ги плаќаме од сопствени приходи кои едвај ни стигнуваат, затоа што цената од 150 денари и малиот број на седишта не ги покрива ниту основните трошоци. ( Тука се сметките за струја, парно, вода... ) И најважно: Кај нас се слават родендени на кои доаѓаат многу деца што е голем финансиски терет за секое семејство. Затоа билетите за родендените ги оставивме со старата цена од 150 денари! – рече Димитров.
Тој додава дека „Театарот за деца и младинци редовно дава бесплатни билети на социјално загрозени семејства, на деца без родители, на деца со посебни потреби, а дава бесплатни претстави и за деца во болници, поправни домоми и т.н.“