X
 07.02.2018 Култура

Филмска музика што ја надмина популарноста на самите филмови


Мискета за звук
(Фото: Pixabay)


Овие насловни теми во буквална смисла на зборот ја надминале популарноста на филмовите за кои се создавани. Еве неколку такви примери:

Флојд

Кога се работи за најпозната музика од филмовите што доаѓаат од просторите на поранешна Југославија, почесното прво место секако го зазема песната „Флојд“ на Дадо Топиќ, од филмот „Национална класа“.

Топиќ со својата песна целосно ја пренел атмосферата од филмот, а преку текстот на песната совршено го опишал главниот јунак – Флојд, во интерпретација на познатиот Драган Николиќ.





Паѓа влада


Критиката на политичкиот државен систем отсекогаш била неисцрпна тема на поранешните ју-простори. И денес често на разни забави може да се чуе популарната песна „Паѓа влада“ од Бајага и инструктори. За жал, филмот „Професионалец“ од каде што потекнува оваа песна донекаде е во сенка на оваа музичка нумера. Она што придонесува за популарноста на оваа песна е брзиот ритам на рефренот, како и текстот со едноставна рима кој лесно се памети. Песната е современа, ги надминува генерациите, режимите и владите.

Пукни зоро


Оваа балада од Роберт Пешут, попознат на пошироката публика како Мањифико, е создадена за филмот „Монтевидео, Бог те виде!“, многу потсетува на староградските српски песни, а темата е поврзана со враќањето на еден војник од Првата светска војна.





Несоница


На овие простори не треба да помине многу време за некоја песна да стане „вистинска кафеанска песна“. Една од таквите е токму оваа песна од Жељко Јоксимовиќ, создадена за филмот „Ивкова слава“, снимен според делото на Стеван Сремац. Во филмот ја изведува Никола Којо, меѓутоа, една од попознатите обработки ја потпишува и нашиот Тоше Проески, во изменет аранжман.

Pulp Fiction

Овој филм на Квентин Тарантино собра многу познати актерски имиња, како Џон Траволта, Ума Турман, Семјуел Л. Џексон и Брус Вилис. Иако филмот има добиено многу награди, вклучително и „Оскар“ за најдобро сценарио, песната од воведната шпица далеку ја надмина славата на филмот. Се работи за инструментална изведба, автор е Дик Дејл, а насловот на нумерата е „Misirlou“ – што всушност е назив за традиционалната музика од истокот на Медитеранот. Насловната тема доживеа огромен успех, па дури е и обработена од групата Black Eyed Peas во песната „Pump it“, а исто така е искористена и како тема за францускиот филм „Такси“.





J`y suis jamais alle


Ова е можеби најпознатиот саундтрак за најмалку познат филм. Композиторот Јан Тирсен создаде вистинско ремек-дело за филмот „Чудесната судбина на Амели Пулен“. Инаку, називот на песната во превод значи „Никогаш не сум била таму“. Сите композиции вонредно го доловуваат вистинскиот дух на Париз, па самиот филм е речиси бесмислен без нив.





I will always love you


Верувале или не – автор на оваа песна не е Витни Хјустон, туку Доли Партон! Првобитната верзија се појавила уште во 1974 година, а речиси дваесет години подоцна Витни Хјустон ја преработи темата за потребите на филмот „Телохранител“ во кој глумеше заедно со Кевин Костнер. Подоцна и други познати пејачки ја преработувале истата тема, меѓу кои и Мараја Кери и Аријана Гранде.





Happy


Оваа песна од Фарел Вилијамс е напишана за вториот дел од анимираниот филм „Подлиот јас“. Овој филм им стана омилен не само на децата туку и на возрасните, а песната ги преплави сите радиостаници, музички емисии, кафулиња, кафеани, трговски центри – со еден збор – сè. Но такво нешто беше и за очекување со оглед на тоа дека оваа весела песна е проследена и со забавен спот. Ритамот и музиката се одлични и за танцување и за потпевнување, како мотивација за убаво започнување на денот.





Lose Yourself


Следува уште една наградена песна чиј автор е Еминем. Овој пат тој се обиде и како актер во филмот „Осмата милја“, така што се повторува ситуацијата како и кај Витни Хјустон. Песната на некој начин е програмска: зборува за музика, за пробивање на музичката сцена и што значи да се биде суперѕвезда.





Stayin` alive


За крај, да се навратиме за миг во седумдесеттите. Оваа песна во изведба на популарниот бенд Bee Gees стана безвремен хит, а малкумина знаат дека е изработена за потребите на филмот „Треска на саботната вечер“ во кој настапуваат Џон Траволта и Оливија Њутн-Џон. Робин Гиб, еден од членовите на групата, тогаш изјавил дека песната е посветена на преживувањето во кој било голем светски град, особено Њујорк. Овој диско-хит стана толку познат, што во деведесеттите години го преработи и рап-групата Sunshine во својата нумера „Пријди ми“.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура