X
 14.12.2023 Култура

Филмови и серии што беа најпребарувани на „Гугл“ во 2023 година

„Гугл трендс“ објави листа со најпребарувани термини оваа година. Од „Барби“ до „Последниот од нас“, листата ги вклучува најголемите филмски и телевизиски хитови за 2023 година. Во продолжение дознајте кои филмови и серии ги зазедоа првите пет места на рангирањето.

1. „Барби“


 
Комедијата во режија на Грета Гервиг беше најуспешниот филм на годината, па затоа и не чуди што се најде на самиот врв на листата. Барби ја следи истоимената кукла, која ја глуми Маргот Роби, на патување за себеоткривање откако доживува егзистенцијална криза. Филмот ги истражува темите на идентитетот, женската автономија и општествените очекувања, а многу гледачи ги пофалија изведбите на Роби и Рајан Гослинг.

2. „Опенхајмер“


 
По Барби следува биографски трилер на режисерот Кристофер Нолан со Килијан Марфи во улогата на Џеј Роберт Опенхајмер - „таткото на атомската бомба“.

Филмот беше дел од феноменот Барбихајмер, кој настана затоа што Барби и Опенхајмер беа премиерно прикажани на ист ден. Опенхајмер го следи животот на познатиот научник и неговата улога во проектот „Менхетен“ за време на Втората светска војна, како и неговиот пад по безбедносното сослушување во 1954 година. Многу критичари тврдат дека „Опенхајмер“ е најдобриот филм на Нолан.

3. „Јаван“

 
Индискиот акциски трилер „Јаван“, во режија на Атли, се најде на третото место. Главната улога во филмот ја толкува боливудската легенда Шах Рук Кан, кој го глуми затворскиот чувар Азад, како и неговиот татко, капетанот Викрам Раторе.

Филмот ги следи обидите на Азад да ги поправи грешките во општеството, фокусирајќи се на неговата одмазда против злобниот трговец со оружје Кали. Мисијата на Азад е мотивирана од ветувањето што ѝ го дал на својата мајка на умирање. Филмот комбинира елементи на акција и драма и, како што е типично за индиските филмови, тој е полн со неочекувани пресврти.

4. „Звук на слободата“

 
Американскиот крими-трилер во режија на Алехандро Монтеверде го следи Тим Балард, поранешен таен агент, кој работи да ги спаси децата од трговците со сексуални робови во Колумбија.

Филмот е инспириран од вистински настани и работата на непрофитната организација „Оперејшн андерграунд рејлроуд“. Иако мислењата на критичарите беа поделени, овој филм ги воодушеви гледачите и стана еден од најуспешните независни филмови во историјата.

5. „Џон Вик: Поглавје 4“




Во најновиот дел од познатата акциона серија, Џон Вик (Кијану Ривс) тргнува да им се одмазди на членовите на организацијата „Хај тејбл“. Дејството се случува на повеќе локации, вклучувајќи ги Њујорк, Мароко и Париз, а Вик се соочува со различни непријатели, вклучително и еден стар пријател.

Филмот доби пофалби за квалитетните акциони секвенции, кинематографијата и глумата. „Џон Вик: Поглавје 4“ моментално е најуспешниот филм во франшизата, со заработка од над 440 милиони долари.

Серии

1. „Последниот од нас“

 

Хит-серијата на Ејч-би-о оваа година ја раскажува приказната за Џоел, човек кој се обидува да преживее во свет управуван од смртоносен вирус, претворајќи ги луѓето во зомбија. Џоел и неговиот партнер имаат задача да ја шверцуваат Ели, 14-годишно девојче имуно на смртоносниот вирус.

Нивната задача се претвора во напорно и трагично патување низ САД, каде што зависат еден од друг за да преживеат. Серијата доби многу пофалби за верното прикажување на приказната за популарната видеоигра на која е базирана. Серијата е номинирана за неколку престижни награди, меѓу кои и „Еми“.

2. „Венсдеј“

 
Премиерата на серијата беше минатата година, но поради големата популарност, беше на второто место на „Гугл“. Врз основа на популарните ликови создадени од Чарлс Адамс, серијата ја следи Венсдеј Адамс, тинејџерка која го посетува престижното средно училиште „Невермор академи“.

Венсдеј се обидува да ја реши мистеријата за необичните убиства во локалниот град и да го истражи мистериозното минато на нејзините родители, кои оделе во истото училиште пред 25 години. Серијата наиде на позитивни реакции од критичарите, а многумина ја пофалија изведбата на Џена Ортега во насловната улога.

3. „Џини и Џорџија“


 
На почетокот на годината „Нетфликс“ ја објави втората сезона од популарната драмска серија „Џини и Џорџија“, која ги следи животите на 30-годишната Џорџија и нејзината 15-годишна ќерка Џини. Серијата ги истражува проблематичното минато и финансиските проблеми на Џорџија, како и тинејџерските предизвици со кои се соочува Џини. Втората сезона доби голем број позитивни критики и успешно се пласира меѓу десетте најгледани серии на „Нетфликс“.

4. „Едно парче“


 
Станува збор за една една од најуспешните адаптации на „Нетфликс“ на сите времиња, која го следи младиот пират Манки Д. Луфи со неговата екипа додека се обидува да го најде легендарното богатство скриено од поранешниот пиратски крал.

На општо задоволство на обожавателите, во продукцијата на серијата учествуваше и самиот Еичиро Ода, креаторот на истоимената манга, кој се погрижи адаптацијата да биде што е можно поверна на оригиналното дело. Серијата брзо стана хит и со недели беше на врвот на гледаноста.

5. „Калеидоскоп“




Криминалистичката антологија на „Нетфликс“ го следи криминалецот Лео Папа (Џанкарло Еспосито) кој се обидува да изврши грабеж во вредност од 7 милијарди долари со група крадци.

Но, на патот им стојат предавството, алчноста и проблематичните меѓучовечки односи. Поради уникатната наративна структура, епизодите може да се гледаат по кој било редослед, при што секоја епизода открива дел од сложувалката. Серијата собра позитивни критики за нејзиниот иновативен пристап кон раскажувањето приказни и сложените ликови.

Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура