X
 26.01.2018 Живот

Треба да знаеш



Со дипломата в раце и очи полни со надеж за својата светла иднина излегуваш од училишните клупи.
Конечно свој човек, образован и подготвен да му го понудиш на светот своето најдобро знаење и беспоштедна работа во својата професија која толку ја посакуваше и за која толку се трудеше.

Подготвуваш документи, го изработуваш своето сиви, аплицираш, аплицираш, одиш на разговори, на интервјуа... Едно разочарување, па „Ќе ти се јавиме“, па „Ќе те известиме“ и сè така во круг.

Но, ти не се откажуваш. Секако, како ќе го завршеше оној тежок факултет ако така лесно се откажуваше. Секое следно интервју одиш со уште поголем жар, со уште поголем елан, побогат за искуството од претходното интервју на кое беше одбиен.

И еден ден ѕвони телефонот, се јавуваш, а гласот во телефонската слушалка ти вели:
Честитам, ја добивте работата. Утре во 8 часот да се јавите во работните простории на фирмата!!! ВУАУУУУ.
Одушевување, радост, среќа.
Но, што сега?

Оваа кампања, 365 работнички права за млади е наменета токму за тебе, млад човеку, кој првпат настапуваш на пазарот на трудот, каде што се соочуваш со илјадници правни дилеми и збунето талкаш низ морето на правните прописи.

Оваа кампања има цел да ти помогне со практична разработка на законските одредби да го добиеш најдоброто за тебе од работниот однос, а воедно и да бидеш достоен и почитуван работник, кому работодавецот со задоволство ќе му ја исплатува месечната плата.

Следи ја кампањата секој ден, следи ги колумните и информирај се за своите права.

Тоа ќе ти помогне и ќе те насочи.
Што треба да знаеш за почеток.

Треба да знаеш дека со јавување на работното место во работните простории на работодавецот ти претстои стапување во работен однос.
Треба да знаеш дека како работник, имаш права кои ти се регулирани и заштитени пред сè со Законот за работни односи, а потоа и со колективен договор и со договорот за вработување.

Тоа значи дека твојот работен однос се заснова исклучиво и само со потпишување договор за вработување, помеѓу тебе и твојот работодавец.

Овој договор  важи и се применува и кога работата ја вршиш во РМ, како и кога твојот работодавец ќе те упати на работа во странство.
Целта на Законот за работни односи е да те заштити од присилна работа, како и да ги штити твојот углед, чест и достоинство како работник.
Затоа, Законот за работни односи пропишува дека: како работник или како кандидат за вработување не е дозволено да бидеш жртва на каков било вид дискриминација: полова, расна, верска, имотна, национална итн.

Треба да знаеш дека дискриминацијата претставува секое неправедно правно или фактичко, непосредно или посредно, правење разлика или нееднакво постапување во однос на друг.

Законот за работни односи е категоричен дека: и мажите и жените имаат еднаква можност и третман во врска со пристапот за вработување, услови за работа, еднакви плати, отсуство од работа, работно време и паузи, како и откажување на договорот за вработување.

Забранета е директна и индиректна дискриминација.

Директна дискриминација е, на пример, кога работодавецот плаќа премии за дополнително здравствено осигурување само за своите вработени-жени, а не и за вработените мажи.

Индиректна-прикриена дискриминација е кога, на пример, за истото работно место на работникот-жена се исплатува плата за 30% пониска отколку на работникот-маж кој работи на исто работно место со иста работна вредност.  

Треба да знаеш дека е забрането вознемирување и полово вознемирување.

Вознемирување претставува секое несакано однесување кое предизвикува повреда на достоинството на кандидатот за вработување или работникот, а создава страв или непријателско, понижувачко или навредливо однесување.

Полово вознемирување претставува дискриминација и може да биде вербално, невербално, односно физичко однесување, кое ги повредува достоинство и честа на работникот и кај него создава страв, навреда, непријатност и понижување.

Треба да знаеш дека Законот за работни односи те заштитува и од мобинг.

Мобингот претставува психичко вознемирување на работното место и исто така претставува дискриминација.

Мобингот претставува негативно однесување од страна на поединец или група кое се повторува често и најмалку во период од 6 месеци, а претставува повреда на достоинството, угледот и честа на вработените лица и предизвикува страв или создава непријателско, понижувачко или навредливо однесување, чија крајна цел може да биде престанок на работниот однос.

Истражувањата покажуваат дека во РМ постои мобинг како психолошко насилство на работа, и тоа во загрижувачки размери. Поголем број од жртвите на мобингот се жени -68%. Но жртвите ретко се осмелуваат за ова да зборуваат јавно или да побараат стручна помош. Работниците, во страв да не го изгубат работното место, молчат под притисокот на насилникот.

Најпосле, треба да знаеш дека сите овие твои права не се само напразно набројани во Законот, туку дека во случај на повреда на истите, односно во случај на дискриминација како работник или како кандидат за вработување, имаш право на надомест на штета согласно Законот за облигациони односи на РМ.

Тоа значи дека доколку се докаже дека си претрпел  каква било дискриминација, вознемирување, судот ќе ти досуди праведен паричен надоместок во вид на материјална или нематеријална штета.

Затоа треба да знаеш, да ги познаваш своите работнички права за да можеш да се бориш за нивно почитување. Доколку секој работник ги почитува работниот однос, своето работно место и работодавецот, а работодавецот ги почитува трудот, личноста и достоинството на работникот, работниот процес ќе оди во нагорна линија, а плодовите од трудот ќе ги ужива целото општество.  

Колумната ја пишува адвокат Анета Баснарков

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот