На 1 февруари градоначалникот на Кејптаун најавил нови рестрикции на водата за пиење. Жителите сега користат 13 литри вода на човек дневно. Тоа е доволно за туширање кое трае 90 секунди, половина литар за пиење, едно зготвено јадење, две четкања на забите и едно пуштање вода во тоалетот. Според последните предвидувања, градот ќе ја потроши водата за неколку месеци.
фотоизвор: TIME
Кејптаун е првиот модерен поголем град во светот што ќе остане без вода. Милиони луѓе во светот живеат без доволно вода, но овој град во Јужна Африка е просперитетна метропола и туристичка дестинација. Експертите велат дека сето ова е последица на глобалното затоплување, па градовите низ светот се соочуваат со суша.
Жителите на Кејптаун постојано, од месец на месец, се соочуваат со нови ограничувања за користењето на водата. 13 литри е помалку и од минимумот што е препорачан од Обединетите нации како дневна количина за домашни потреби. Како што се влошува состојбата, болниците и виталните институции ќе имаат вода, но поголемиот дел од населението ќе биде принудено да се снабдува со вода на општинските пунктови, каде што ќе може да земат само 6,6 литри вода на дневна основа.
Недостигот на вода секако дека влијае и врз нормалното функционирање на градот. Рестораните и кафулињата користат хартиени чаши за служење кафе, за да го намалат бројот на садови за миење. Во јавните тоалети пишува да се пушта вода само кога е апсолутно потребно. Многумина стравуваат и за својата благосостојба. Аналитичарите проценуваат дека кризата со водата ќе резултира со губење на 300.000 работни места во земјоделството и десетици илјади во јавниот сервис, угостителството и прехранбениот сектор. Сето тоа ќе доведе и до огромно негативно влијание врз економијата. Проблем е и тоа што е многу тешко да се купи вода во пластично шише бидејќи само што ќе пристигнат во маркетите, веднаш се трошат.
Кризата потекнува уште од пред една деценија. Сега градот инсталира скапа механизација за филтрирање на морската вода. Кејптаун можеби ќе биде првиот голем град што ќе остане без вода, но не и последниот. Во Мексико Сити жителите веќе се соочуваат со рестрикции, а надлежните во Мелбурн предупредуваат дека градот за околу 10 години ќе се соочи со целосен недостиг на вода.
Сега, жителите на
Кејптаун применуваат секакви методи за да заштедат вода, кои изгледа имаат позитивен ефект. Сепак, надлежните сметаат дека „Денот нула“, како што го нарекуваат, кога водата ќе биде целосно исклучена, е неизбежен.