X
 12.03.2018 Живот

Јосиф Бродски: „Да се живее во општество, значи да се простува“

„Животот е игра со многу правила, но без судии. Дознаваме како таа се игра повеќе со набљудување отколку со сознанија од книги, вклучувајќи го тука и Светото писмо. Затоа не е чудно што многумина играат нечесно, така што малку се оние што добиваат, а многу оние што губат.

Во секој случај, ако тоа место е Универзитетот во Мичиген, Ен Арбор, државата Мичиген, што јас го паметам, можам со сигурност да претпоставам дека вие, неговите студенти, уште помалку го познавате Писмото од оние што седеле на овие клупи, да речеме, пред шеснаесет години, кога првпат се осмелив да стапнам на оваа земја.

За моето око, уво и ноздри, ова место и понатаму е Ен Арбор; тоа е сино - или ми се чини сино - како Ен Арбор; тоа мириса на Ен Арбор (иако морам да признаам дека сега во воздухот има помалку марихуана од порано и тоа моментално го збунува стариот Енарборец). На тој начин тоа личи на Ен Арбор каде што поминав дел од мојот живот - како што ми се чини, најдобриот дел - и каде што, пред шеснаесет години, вашите претходници за Библијата не знаеле речиси ништо.

Кога ќе се сетам на моите колеги, кога знам што се прави со универзитетските наставни програми во целата земја, кога станувам свесен за притисокот што таканаречениот современ свет го врши врз младината, чувствувам носталгија за оние што седеа на вашите столчиња пред десет или повеќе години, бидејќи некои од нив барем можеа да ги наведат десетте Божји заповеди, а други дури и се сеќаваат на имињата на седумте смртни гревови. Но што направиле тие подоцна со тоа драгоцено знаење и колку имале успех во животната игра - за тоа не знам. Можам само да се надевам дека, кога ќе се сведе конечната сметка, човек е побогат ако се раководел од правилата и табуата што ги одредил некој сосем неопиплив, а не само од словото на законот.

Бидејќи е рано да ги сведете конечните сметки, и ако успехот и пристојното опкружување се она кон кое се стремите, не би било лошо да се запознаете со тие заповеди, како и со списокот на гревови. Сите заедно, ги има седумнаесет, а некои делумно се совпаѓаат. Нормално дека можете да приговорите дека тие припаѓаат на верско учење со силна традиција на насилство. Но ако станува збор за верите, оваа е сепак најтолерантна; таа го заслужува вашето внимание и поради тоа што го родила општеството во кое имате право да ја подложувате на сомнеж или да ја одрекувате нејзината вредност.

Но, јас не сум овде за да ги воздигнувам доблестите на која било конкретна вера или филозофија, и не ми е задоволство, како на многумина, да давам забелешки за современиот систем на образование или за вас, неговите потенцијални жртви. Прво, јас не ве сметам за такви. Второ, во одредени области вашите знаења се неизмерно поголеми од моите или на кој било претставник на мојата генерација. На вас гледам како на дружина млади разумни и егоистични души, непосредно пред вашето многу долго странствување. Треперам од помислата на неговата должина и се прашувам со што би можел да ви бидам од корист. Дали знам за животот нешто што би можело да ви помогне или да ви биде значајно, и ако нешто знам, дали постои начин да ви ја пренесам таа информација?

Мислам дека одговорот на првото прашање е потврден не само затоа што човек во мојата животна доба би требало да биде повешт од секој од вас во таа животна шаховска игра, туку и затоа што тој веројатно веќе се изморил од многу нешта кон кои вие се стремите. А кога станува збор за второто прашање, да ви кажам право, имам тешкотии. Примерот на споменатите заповеди може да го обесхрабри секој говорник кој дава упатства, бидејќи сите десет заповеди биле проповед, буквално - забрана. Но помеѓу генерациите постои транспарентен ѕид, железна завеса од иронија, завеса низ која се гледа сосема, но која не пропушта речиси никакво искуство. Во најдобар случај, само поединечни совети.

Затоа, на ова што ќе го чуете сега гледајте само како на совет од врвот на неколку студени ридови, ако може да се каже така, а не од Синајската гора. Ниту јас сум Мојсеј ниту вие сте старозаветните Евреи; ова се неколку несредени скици, напишани некаде во Калифорнија - тоа не се плочи со религиозен текст. Игнорирајте ги, ако сакате, сомневајте се во нив, ако е потребно, заборавете ги, ако не можете поинаку: во нив нема ништо што обврзува. Ако нешто од тоа сега или во иднина ви биде од корист, ќе ми биде драго. Ако не, мојот гнев нема да ве стигне.

Сега, и во иднина, мислам дека треба да се насочиме кон прецизноста на вашиот јазик. Настојувајте да го збогатите вашиот речник и да постапувате со него како со својата сметка во банка. Подарете му многу внимание и трудете се да ја зголемите својата дивиденда. Целта не е во тоа да придонесете за убавите зборови во вашата спална соба или за својот професионален успех - иако подоцна и тоа е можно - и работата не е во тоа да се претворите во софистициран говорник. Целта е да си овозможите себеси што поцелосно и поточно да се изразувате; со еден збор, целта е вашиот баланс. Бидејќи, натрупувањето на неизговореното, недоволно артикулираното, може да го доведе човека до невроза. Секој ден во човековата душа многу нешта се менуваат, но начинот на изразување останува ист. Способноста за изразување заостанува зад искуството. Тоа штетно влијае врз психата. Чувствата, нијансите, мислите, перцепциите што остануваат неименувани, недоволно објаснети, непрецизно формулирани, се натрупуваат во индивидуата и можат да доведат до психолошка експлозија или тонење. За да се избегне тоа, човек не мора да се претвори во книжен молец. Треба само да набави речник и да го чита секој ден, а понекогаш и книга со песни. Меѓутоа, речниците според важноста се на прво место. Ги има многу насекаде околу нас, со некои се добива и лупа. Ако сепак одлучите да одите на психијатар, обратете му се како да имате симптоми на лексички алкохолизам.

И сега и во иднина, гледајте да бидете добри кон вашите родители. Ако тоа звучи премногу слично на она „Почитувај ги таткото свој и мајката своја“ - не грижете се. Сѐ што сакам да кажам е: трудете се да не се буните против нив бидејќи тие, веројатно, ќе умрат пред вас, така што можете да се ослободите барем од тоа чувство на вина, кога веќе не можете од тагата. Ако ви е потребно да се буните, бунете се против оние што не се толку ранливи. Родителите се премногу блиска мета (како, впрочем, и сестрите, браќата, сопругите или сопрузите); растојанието е такво што не можете да промашите. Бунтот против родителите со сето она „Нема да земам ни денар од вас“, во суштина е посебно буржоаски манир бидејќи најмногу го задоволува бунтовникот, во дадениот случај го задоволува ментално, што му дава сигурност. Колку подоцна појдете по тој пат, подоцна ќе станете духовен буржуј; т.е. колку подолго останете скептик, сомничав, интелектуално незадоволен, толку подобро за вас.

Трудете се да не се надевате премногу на политичарите, не затоа што се тапоглави и нечесни, што е најчест случај, туку поради обемноста на нивната работа која ги надминува и најдобрите меѓу нив, ниту во која било политичка партија, доктрина, систем или нивните проекти. Тие во најдобар случај можат донекаде да го ублажат социјалното зло, но не можат да го искоренат. Какво и да е суштинското подобрување, тоа секогаш ќе биде недоволно од етичка страна, бидејќи секогаш
ќе има такви - макар тоа бил и еден човек - што нема да имаат никаква корист од тоа подобрување. Светот не е завршен; Златниот век никогаш не постоел и нема ни да постои. Единствено што ќе се случи со светот е тоа што ќе стане поголем, односно понаселен, не зголемувајќи се во размерот. Колку и да ви ветувал човекот кој сте го избрале дека правилно ќе го подели колачот, колачот нема да стане поголем; во суштина, порциите задолжително ќе се намалат. Во светло на тоа - или, подобро да се каже, во мракот - ќе морате да се потпрете на сопствената, домашна кујна, т.е. да управувате со светот самостојно - барем со оној негов дел кој ви е достапен, кој се наоѓа во границите на вашиот дострел. Меѓутоа, остварувајќи го тоа, ќе морате исто така да бидете спремни на тажното сознание дека ни од вашиот сопствен колач нема да има доволно; ќе морате да бидете спремни на тоа да ги вкусите во иста мера и благодарноста и разочарувањето. Тоа е најтешка лекција за усвојување - да не се губи усрдноста во кујната, бидејќи ако го дадете тој колач барем еднаш, ќе предизвикате маса очекувања. Запрашајте се дали имате сила за таква постојана испорака на колачи, или повеќе сметате на политичарите? Каков и да е исходот од таквото чепкање - колку и да мислите дека светот може да почива на вашиот колач - почнете веднаш да работите на тоа, сите тие корпорации, банки, школи, лаборатории, или каде веќе и да работите и чии простории деноноќно се загреваат и чуваат, да ги пуштат внатре бездомниците да преноќат барем сега, кога е зима.

Трудете се да не се издвојувате од другите, настојувајте да бидете скромни. И сега нѐ има премногу, а наскоро ќе нѐ има многу повеќе. Тоа искачување на местото под сонцето задолжително се случува на сметка на другите, оние што нема да се искачат. Тоа што морате да му застанете некому на нога не значи дека мора да му застанете на раменици. Освен тоа, сѐ што ќе видите од таа точка ќе биде човечко море и оние што како вас зазеле слична позиција - важна, но притоа многу опасна - она што се нарекува богати и славни. Воопшто, секогаш има нешто непријатно во тоа човек да има повеќе среќа од нему сличниот, особено кога таквите слични ги има милијарди. Освен тоа, треба да се додаде дека богатите и славните во наше време ги има купишта и дека таму, на врвот, станува тесно. Затоа, ако сакате да станете богати и славни, или и едното и другото, нека ви е со среќа, но не предавајте се сосема на тоа. Копнежот за нешто што го имаат другите значи да се изгуби сопствената уникатност; од друга страна, тоа, нормално, ја стимулира масовната продукција. Но, бидејќи ја трчате животната трка само еднаш, разумно би било да ги избегнувате најочигледните клишеа, вклучувајќи ги и луксузните изданија. Свеста за сопствената исклучителност, имајте го тоа предвид, исто така ја подрива вашата уникатност, да не зборуваме за тоа дека таа го стеснува вашето чувство за реалност. Да се пикате меѓу оние што, со оглед на нивниот приход и надворешен изглед претставуваат - макар теоретски - неограничен потенцијал, е многу повеќе од членство во кој било клуб. Потрудете се да бидете послични со нив отколку со оние што не личат на нив; трудете се да носите неупадливи бои. Мимикријата е заштита на индивидуалноста, не нејзино одрекување. Би ве советувал, исто така, да зборувате потивко, но се плашам дека ќе сметате дека сум отишол предалеку. И не заборавајте дека покрај вас секогаш има некој - ближен. Никој не бара од вас да го сакате, но трудете се да не го повредите и да не го вознемирувате многу. Гледајте да му застанете на нога внимателно, а ако се случи да ја посакате неговата жена, имајте на ум дека тоа зборува за недостигот на вашата фантазија, за вашето неверување во безграничните можности на животот. Во најлош случај, потрудете се да се сетите од каква далечина - од ѕвездите, од длабочината на вселената, можеби од нејзиниот спротивен крај - стигнала молбата да не го правите тоа исто како и идејата дека треба да се сака ближниот како самиот себе. Очигледно дека ѕвездите за силата на тежата и осаменоста знаат повеќе од вас бидејќи тие се - очи на копнежот.

Избегнувајте на секој начин да си припишувате себеси статус на жртва. Од сите делови на телото најбудно внимавајте на вашиот показалец, бидејќи тој сака да разоткрива. Показалецот е знак на жртвата, тој е спротивност на подигнатиот среден прст и показалецот во знак на победа, знакот V. Колку и да ви е одвратна вашата положба, настојувајте да не ги обвинувате другите за тоа: историјата, државата, претпоставените, расата, родителите, месечевата мена, детството, ненавременото седење на нокшир итн. Менито е опширно и здодевно и самата негова опширност и досада се доволно навредливи за човек да ја троши својата интелигенција избирајќи од таа трпеза. Во мигот кога ја фрлате вината на некој друг, ја поткопувате сопствената решеност да направите нешто; може дури да се утврди дека прстот кој обвинува толку лудо потреперува во случај таа решеност да не е доволно цврста. На крајот на краиштата, ни статусот на жртва не е лишен од својата привлечност. Тој предизвикува сочувство, се наградува за заслугите, и цели држави и континенти се разнежнуваат во самракот на менталните падови со сознанието на жртвата. Постои цела култура на жртвите која се рангира од личните адвокати до меѓународните заеми. Без оглед на поставената цел на тој систем, чистиот резултат на неговата дејност несомнено ги намалува очекувањата, кога бедното предимство се презема и се прогласува за крупно достигнување. Нормално дека тоа има терапевтско дејство и сметајќи на оскудноста на светските ресурси, макар хигиенски, се трудите да се спротивставите на тоа. Колку и да била непобитна вашата загуба, негирајте ја додека сте при разум, сѐ додека устата не може да изговори „не“. Воопшто, настојувајте да го уважувате животот не само поради неговата привлечност, туку и поради неговите тешкотии. Тие се дел од играта и она што е добро во тоа е дека не се илузија. Секојпат кога сте во проблеми, или на граница на очај, кога ќе ве спопаднат непријатности или тешкотии, имајте на ум: тоа животот разговара со вас на единствено нему познат јазик.

Светот во кој се подготвувате да чекорите не ужива добра репутација. Подобар е од географско отколку од историско гледиште; каде-каде е попривлечен визуелно отколку социјално. Тој не е фино местенце, во што наскоро ќе се уверите, и се сомневам дека ќе стане многу попривлечно во времето кога ќе го напуштате. Меѓутоа, тоа е единствениот свет кој постои и не постои алтернатива, а ако постои, ништо не гарантира дека би била многу подобра од оваа. Таму надвор се џунглите, исто како и пустините, лизгавите падини, калта итн. - буквално, но што е уште полошо, и метафорично. Како што рекол Роберт Фрост: „Најдобар излез е секогаш - докрај“. И уште рекол во една друга песна - „да се живее во општество, значи да се простува“. Би сакал да завршам токму со неколку забелешки за тоа одење докрај.

Гледајте да не обрнувате внимание на оние што би сакале да ви го загорчат животот. Такви ќе има многу, како според официјалната должност така и самоповикани. Поднесувајте ги ако не можете да ги избегнете, но штом ќе се ослободите од нив, во истиот момент заборавете ги. Пред сѐ, настојувајте да не раскажувате приказни за неправедното однесување што сте го претрпеле од нивна страна; избегнувајте го тоа колку и да е сочувствителен вашиот аудиториум. Таквите приказни го продолжуваат постоењето на вашите противници; многу е веројатно дека тие сметаат на тоа дека сте дрдорковци и дека ќе им го соопштите тоа свое искуство на другите. Ниедна индивидуа сама по себе не е вредна да дава лекции за неправедноста (или праведноста). Односот на едното кон другото не го оправдува напорот: вредно е само ехото. Тоа е главниот принцип на секој угнетувач, ако го спонзорира државата или е автодидакт. Затоа избркајте го или придушете го ехото, не дозволувајте настанот, колку и да бил непријатен или значаен, да зема повеќе време отколку што му било потребно за да се случи.

Она што го прават вашите непријатели го добива своето значење или важност зависно од вашата реакција. Затоа, протрчајте низ нив или покрај нив, како да се жолто, а не црвено светло. Нека не ви го задржуваат вниманието ниту мисловно ниту вербално, не гордејте се со тоа што сте им простиле или сте ги заборавиле - пред сѐ заборавете на лошиот крај. Така ќе ги ослободите клетките на вашиот мозок од бескорисен труд, така можеби ќе успеете да ги спасите тие тапоглавци од самите нив, бидејќи перспективата да се биде заборавен е пократка од перспективата да се биде помилуван. Вклучете друг канал: не можете да ја прекинете емисијата на таа мрежа, но можете да го намалите нејзиниот рејтинг. Таквото решение тешко дека би им се допаднало на ангелите, но сигурно би им задало удар на демоните, а во даден момент тоа е најважно.

Подобро е да престанам овде. Ќе ми биде мило ако сметате дека ова што ви го кажав е корисно. Ако не е, тоа ќе покаже дека сте многу поподготвени за иднината отколку што може да се очекува од луѓе на ваши години. Сметам дека тоа исто така е причина за радост, а не за страв. Во секој случај, без оглед дали сте подготвени добро или не, ви посакувам среќа бидејќи во животот не ве чекаат само празници, па среќата навистина ќе ви треба. Впрочем, мислам дека ќе се снајдете.

Не сум Циганка и не можам да ви ја претскажам иднината, но со голо око се гледа дека многу нешта ви одат во прилог. Прво и пред сѐ, сте се родиле, што само по себе веќе е половина од работата, а живеете во демократија - која создава помали пречки на патот на индивидуата отколку нејзината алтернатива.

Најпосле, добивте образование на Универзитетот на Мичиген, според моето мислење најдобриот универзитет во земјата, веќе и по тоа што пред шеснаесет години му даде крајно неопходна помош на најмрзливиот човек на земјата, кој, и покрај сѐ, практично не зборуваше англиски - вашиот покорен слуга. Овде држев предавања осум години; јазикот на кој ви се обраќам денес го научив овде; некои од моите поранешни колеги сѐ уште се активни, други се во пензија, а трети спијат во вечен сон во земјата на Ен Арбор по која вие сега одите. Јасно е дека ова место за мене има исклучително сентиментална вредност и исто таква ќе има за вас по десет години. До тоа време, можам да ви ја проектирам иднината, во тој поглед знам дека нема да пропаднете, поточно, дека ве чека успех. Бидејќи бранот топлина кој ќе ве заплисне по десет и повеќе години кога ќе се спомене името на овој град, ќе значи, без оглед дали сте биле успешни или не, дека сте победиле како човечки суштества. Токму таков вид успех ви посакувам во иднина.

Останатото зависи од среќата и е многу помалку важно“.

Обраќање до дипломците на Универзитетот во Мичиген, 1988 година.

Од книгата „Тага и разум“, Русика, 2007 година.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот