X
 05.12.2017 Живот

„Слободна и невработена, конечно се пронајдов себеси“

Имав 37 години, бев слободна и депресивна бидејќи за неколку месеци требаше да се преселам од моето станче на Источна 23. улица во Менхетен и да живеам со мајка ми во Шипшед Беј, Бруклин. По преземањето на компанијата од Вол стрит во која работев, се посветив на две активности: потрага по нова работа и вежбање. А поминував и многу време во мојот стан.

Истото го правеа и трите дипломирани студенти што живееја до мене. За време на нивните забави во текот на викендите, гласна музика почнуваше да се слуша од ѕидот што го делевме уште од 22.30 часот. Во тренирки, без шминка, со косата во пунџа, обично одев накај 23.00 часот да ги замолам да бидат потивки.

Обично се појавуваше еден од нив, пијан и изнервиран, ветувајќи дека ќе намали. Најчесто ја намалуваа музиката. Кога немаше да го направат тоа, му се јавував на вратарот, менаџерската компанија, и еднаш на полицијата. Но вревата продолжуваше.

Улицата на која живеев беше близу три колеџи. Кога го потпишав договорот за закуп, не знаев дека кираџии се толку многу студенти. А за нив нормално беше да сакаат да се забавуваат. Иако бев опкружена со толку многу забава, за мене тој период беше најосамениот во мојот живот. Повеќето од моите пријатели беа во брак. Немав приходи, а киријата беше околу 3.000 долари месечно. Немав момче бидејќи не знаев како позитивно да ја раскажам мојата приказна околу невработеноста.

Едно попладне во лифтот, видов еден од соседите студенти. „Дали секогаш си дома во текот на денот?“, ме праша тој.

„Во последните неколку месеци, да. Барам работа“, му реков јас.

„И јас. Последна година ми е од правниот факултет“, рече тој.

„Никогаш не оставам работа без да имам друга. Луѓето ме предупредија за ова, но дури откако го доживеав, сфатив колку е вистинито“, му возвратив јас.

Како што се доближувавме до вратите, му реков: „Се преселувам, така што можете да уживате во вашата гласна музика цела ноќ. Тоа значи дека старата дама си заминува“.

„Зошто?“, праша тој.

„Не можам да си ја дозволам киријата. Ќе се преселам со мајка ми во Бруклин“.

„Штета“, рече тој и додаде: „Јас не пуштам музика, туку моите цимери“.

Имаше смисла затоа што само тој беше љубезен и се извинуваше кога ќе се изнервирав. „Колку години имате вие, момци? 23?“, го прашав.

„Да, јас имам 23“, рече тој.

„Јас имам 37. Се надевам дека ќе добиете помлада сосетка“, му реков.

„Никогаш немаше да претпоставам дека имаш 37. Мислев дека си околу 26“, возврати тој.

Дали флертуваше со мене? Изгледав на иста возраст како и моите пријатели, но можеби ситуацијата го збунила. Едно попладне повторно наидовме еден на друг; беше облечен во костум - имал закажано интервју. Му посакав среќа.

Две недели подоцна мојата пријателка Дијана и јас седевме во блискиот бар, пиејќи вотка и гледајќи на нејзината апликација „Тиндер“ кога се појави мојот 23-годишен сосед.

„Повлечи десно. Кажи му дека си излезена со мене“, ѝ реков. Taa повлече, тие се совпаднаа и му кажа дека јас сум со неа. Си испративме неколку пораки; беше на пат кон дома. Кога го прашав дали сака да ми се придружи во станот, рече да.

Дваесет минути подоцна, јас и Дијана пристигнавме, а тој се појави со шише вотка и лименки „кока-кола“.

Започна да се смее, велејќи: „Моите цимери не можат да те поднесат. А јас секогаш бев збунет зошто 26-годишна девојка е вознемирена поради нашите забави“.

Дијана и јас танцувавме на „Jump“ од „Поинтерс систерс“, песна што тој не ја препозна. Пред да си оди Дијана во 4 часот, ми шепна: „Му се допаѓаш“.

Тивко ѝ реков дека е млад. Но очигледно соседската напнатост почна да исчезнува бидејќи почнавме да се бакнуваме веднаш откако Дијана си замина.

Кога се разбудив, со мамурлак, го молев да не им каже на цимерите. Мојата трансформација од пуритански чувар против вревата во г-ѓа Робинсон ме засрамуваше; мојот измачен мозок ми велеше: „Што се случи?“

Но нема да лажам: ова беше вистински поттик на моето его. Можеби немав работа, сопруг или момче, но барем успеав да привлечам неодоливо 23-годишно момче. Во текот на следните неколку недели постојано си испраќавме пораки и постојано се дружевме за да разговараме за нас и за нашата потрага по работа. Кога го прашав дали изгледам постара, ми рече: „Не баш. Главно затоа што не работиш и си дома цело време“.

Му реков: „Кога матурирав, ти имаше 4 години“.

Една недела во 5 часот наутро тој сфати како е да биде разбуден во мојот кревет од неговите цимери.

„Ова навистина нервира“, тој почна да вика, покривајќи ја главата со мојата перница.

„Мило за драго“, му реков јас. „Сега разбираш“.

Со него исчезна мојата вообичаена романтична вознемиреност. Наместо да ја проектирам мојата несигурност врз него и да се прашувам дали сум доволна, јас се забавував бидејќи знаев дека јазот во годините значеше дека не можеме да имаме заедничка иднина. А и за брзо време се селев.

Не дека не се грижев. Бев загрижена затоа што луѓето ќе мислеа дека сме смешни. Но кога им кажав на моите омажени другарки, тие ми рекоа дека живеам во фантазија.

„Барем се забавуваш. Никоја од нас не се забавува. Јас не сакам ни да го допрам мојот сопруг“, ми рече една другарка која беше во процес на разведување.

Љубовните врски за мене беа исто толку забавни колку и потрагата по работа. А тоа беше затоа што имав ист пристап: со стратегија, пресметки и многу вознемиреност за презентирање на најдоброто од себеси и криење на моите слабости. Но со него воопшто не се грижев за тоа.

Една вечер, додека се гушкавме во мојот стан и додека му ги кажував моите проблеми со мажите и стравовите за кариерата, тој рече: „Толку се фиксираме на работата што ја сакаме или личноста со која излегуваме затоа што мислиме дека нема да има друга. Но секогаш ќе има друга“.

Навистина мудро и зрело од него. Но полесно е да се има овој став за работата или љубовта на 24 отколку на 37.

Една вечер се вратив дома малку пијана, среќавајќи го во ходникот. Речиси секогаш тој одлучуваше кога ќе се дружиме, така што се пожалив дека не е фер постојано да биде по негово. Го притискав, покажувајќи ја мојата најлоша страна, така што тој избега во неговиот стан.

Наредниот ден ми испрати порака: „Можеби треба малку да оладиме. Ми беше добра пријателка... малку искомплициравме, хаха“.

Знаев дека тоа „хаха“ беше знак дека пораката не е толку сериозна, меѓутоа, сфатив дека во таа „несериозна“ наша врска си дозволив себеси целосно да ме запознае, откривајќи ги сите мои несовршености, на начин на кој вообичаено не го правам тоа. Со него бев вистинската јас, и тоа беше вистинско откритие.

И загатка. Бидејќи не можам да бидам вистинската јас кога сериозно барам љубов, кога единственото нешто за кое размислувам е иднината. За да ја освоиме личноста (или работата), мислиме дека треба да бидеме најсовршената верзија од себеси. Кога нашите срца се во прашање, ранливоста се чини невозможна.

Една година подоцна конечно успеав да бидам доволно совршена за да добијам работа. Сè уште работам на тоа да си дозволам себеси да бидам доволно несовршена за да пронајдам љубов.

Автор: Мариса Лашер
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот