Неофицијалната информација дека Белата куќа планира во неколку фази да се откаже од финансирањето на Меѓународната вселенска станица (ISS) минатите денови предизвика вистинска бура од реакции од оние што се занимаваат или ги следат вселенските истражувања.
Весникот „
Вашингтон пост“ тврди дека имал увид во документот што го регулира ова прашање. Имено, властите на САД планираат да ја финансираат ISS до крајот на 2024 година. Тоа сепак не значи дека ISS ќе престане со работа.
Американските власти планираат да му ја препуштат ISS на приватниот сектор. Иако документот не нуди многу детали, весникот пишува дека со тоа станицата би станала некаков вид „вредна орбитална недвижност“.
„Одлуката да ја прекинеме директната финансиска поддршка за ISS во 2025 година не значи дека таа ќе биде ставена надвор од функција. Можно е вселенската индустрија да продолжи да управува со некои нејзини елементи и операции како дел од идниот комерцијален аранжман“, се наведува во документот.
„НАСА ќе ги прошири меѓународните и комерцијалните партнерства во наредните седум години за да обезбеди непречен пристап и присуство на луѓе во ниската орбита на Земјата“, се истакнува во документот на американската вселенска агенција.