X
 15.02.2018 Живот

Упатство за екстровертни родители: златни правила за воспитување интровертни деца


Девојче
(Фото: Pixabay)


Неразбраноста меѓу родителите и децата најчесто лаички му се припишува на генерацискиот јаз, пубертетот и другите промени низ кои минува детето, а многу поретко се земаат предвид и разликите во темпераментот.

Имено, уште Карл Густав Јунг при дефинирањето на разликите во темпераментот кај луѓето ја одредил екстровертноста како ориентираност кон надворешниот свет, а интровертноста кон внатрешниот, субјективниот – истакнувајќи притоа дека никој не е стопроцентен екстроверт или интроверт.

Зборувајќи воопштено, екстровертите се дефинираат како комуникативни личности кои лесно се социјализираат, додека интровертите се препознаваат како мирни, тивки и резервирани лица. Овие карактеристики на личноста се уочуваат од најраното детство.

Од овој аспект, односот меѓу екстровертен родител и интровертно дете прави интересна комбинација: овој родител, навикнат на енергичен живот и социјални активности, несомнено ќе биде збунет со навиките и однесувањето на својот мал интроверт. Најверојатно тој со најдобри намери ќе се обидува што повеќе да го вклучи во социјалниот живот, загрижен зошто тоа не сака да поминува повеќе време со врсниците, а детето ќе се чувствува несфатено и притиснато од таквите очекувања.

Па затоа, како треба да се однесува еден екстровертен родител кон своето интровертно дете?

Клучот, пред сè, е во разбирањето, кога родителот ќе разбере дека неговото интровертно дете едноставно функционира на различен начин од него, односно дека му одговара поинакво животно темпо.

Второ важно правило е да се пронајде вистинската мера во охрабрувањето и поддршката, така што да не премине во наметнување или присила. Со други зборови, родителот би требало да се воздржува од претерано инсистирање за социјализација на детето, освен на негово барање.

И конечно, ова за секој екстровертен родител, макар на почетокот, значи неопходност од големо трпение.

Иако на секој комуникативен родител можеби ќе му треба повеќе време и трпение за да разбере како функционира неговото интровертно дете, треба да се потенцира дека воопшто нема причина за загриженост. Интровертноста сама по себе не одредува колку една личност ќе биде успешна или не, или колку пријатели ќе стекне во животот. Тоа зависи и од другите црти на личноста, како и од многу други фактори.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот