Доктор
Ранко Рајовиќ - интернист, претседател на Одборот за талентирани при Меѓународното здружение МЕНСА, соработник на УНИЦЕФ на проектот за рано поттикнување на интелектуалниот развој кај децата и еден од основачите на Центарот за талентирани „Никола Тесла“ - е еден од најголемите авторитети на овие простори кога станува збор за воспитувањето и образованието кај младите генерации. Тој ги открива и најчестите грешки што ги прават родителите со децата до нивна четиригодишна возраст, а кои подоцна можат да влијаат врз целокупниот живот на детето.
Родителите мора да му дозволат на своето дете да научи како се паѓа
Истражувањата покажуваат дека бројот на пречки во развојот на децата постојано е во пораст – кај голем број деца се забележуваат нарушувања во говорот, моторички слабости, слаба концентрација, сè почесто дијагностицирање на АДХД (синдром на недостиг на внимание и хиперактивност), импулсивност, низок праг на толеранција и зголемена агресивност.
Сè повеќе деца го губат чувството за одговорност, презаштитени се, сè им е дозволено, губат ориентација и го превртуваат системот на вредности.
Грешките во одгледувањето на децата се составен дел на родителството, а можат и да станат корисни ако навреме се уочат. Повеќето грешки родителите ги прават поради пренагласената потреба да го заштитат детето. Преголемата заштита е штетна за децата. И токму одредувањето на границата кога престанува вообичаената заштита, а почнува презаштитувањето претставува најголема родителска мудрост.
Фиксирање на главата на бебето
Честопати родителите ја држат главата на бебето како да се работи за транспорт на пациент, му ја фиксират главата, па бебето не може да се помрдне ни лево ни десно, ниту за сантиметар. Ова е грешка, особено во првите 30 до 60 дена по раѓањето затоа што бебето со движењето на главата ги поврзува структурите во мозокот за координација на движењата на главата, вратот и рамената. Честопати родителите објаснуваат дека педијатарот им дал таков совет, што не е точно – тој им кажал „држете му ја главата“, а не „фиксирајте му ја главата“.
Тие секогаш прават нешто повеќе во насока на нивна заштита, но токму тоа „нешто повеќе“ е грешка што подоцна може да резултира со проблеми во пишувањето на училиште.
Еднобојна детска соба
Постојат многу грешки што несвесно ги прават родителите во текот на првите 3 години кај децата, а една од почестите е розово обоена соба за девојчињата и сина соба за момчињата. Се разбира, ова е грешка затоа што во првите 30 дена од животот бебето гледа матно и препознава само контрасти, така што најдобро е собата да биде во контрасни бои, барем во тој период. Контрастите се важни за развојот на мозокот, па затоа е потребно да се едуцираат родителите за да се избегнат вакви непотребни грешки.
Презаштитеност на детето
Детето во првите години учи без престан. Формалното образование и учење доаѓаат подоцна, но дотогаш детето треба веќе да ги има совладано најтешките лекции – и тоа спонтано и низ игра. Ретко кое дете на 6-годишна возраст ќе ја стави раката во шолја жежок чај или невнимателно ќе трча по мраз, затоа што веќе ги научило опасностите од таквото однесување. Затоа ќе биде внимателно во такви ситуации, не затоа што родителите 100 пати му го повториле тоа, туку затоа што многупати самото ги искусило последиците. Вака барем би требало да биде, но сепак бројот на повреди при паѓања на децата сè уште расте. Дете од 7 години што ќе падне така што ќе си ги скрши забите, а притоа нема ниту да ги изгреба дланките, сè уште не научило како треба да се паѓа. И секако дека тоа не е негова грешка, туку е на родителите, кои не му дозволиле навреме да ги научи овие фундаментални животни лекции.
Претерана употреба на нови технологии
Користењето видеоигри од најрана возраст добива епидемиолошки размери. При играњето мозокот работи поинаку, импулсите што се менуваат се многу брзи, а тоа не е во согласност со досегашната еволуција и природниот развој на мозокот. Се однесуваме како да сме ѝ завртеле грб на природата, а високата цена за тоа ја плаќаат децата, затоа што ние сме составен дел од природата и нашиот развој зависи и од опкружувањето во кое растеме. Децата сè почесто заминуваат во виртуелниот свет и таму поминуваат по час или два секој ден. На тој начин го намалуваат своето време за трчање, скокање, односно нормалните и природни детски игри. Детето се врзува за компјутерот и таблетот и тие му стануваат извор што го стимулира, таму ги доживува сите емоции, како среќа, тага, страв, исчекување – што резултира со зголемување на периодите што ги поминува надвор од реалниот свет.
Недостиг на движење
Проблемот што најчесто е поврзан со претераната употреба на новите технологии е недостигот на движење. Потребно е да се најде рамнотежа и да се воспостават правила. Секој родител мора да постави граници за кои ќе смета дека се најдобри за неговото дете. Но, често сме сведоци дека децата не го почитуваат тоа докрај. Затоа родителите мора да бидат доследни. Ако е направен договор, тогаш тој треба да го почитуваат и децата и родителите. Особено родителите не смеат да дозволат нарушување на договореното, затоа што ќе се продуцира маѓепсан круг. Истото може да се предизвика и со контрадикторноста на родителите – кога со личен пример им покажуваат на децата дека самите не се усогласени со правилата што им ги наметнуваат на децата, затоа што и самите се жртва на модерните технологии.
Најважниот совет за родителите
Поради горенаведеното, Рајовиќ смета дека едукацијата на родителите е многу важна работа и советува тие навреме да се обидат да се информираат за оваа многу важна „професија“ и за стапиците на кои ќе наидуваат во најубавата работа на светот – родителството.