Дали се сеќавате на времето кога постарите беа авторитет? Јас се сеќавам. Ги сакав тие цврсто втемелени граници.
Доволен беше погледот на татко ми додека седев на масата, за да ми стане јасно дека супата не се јаде гласно и дека не се зборува со полна уста. Наставниците се почитуваат со станување кога влегуваа во училницата и со громогласно: „Добар ден!“, со напишана домашна задача и уредна училишна престилка.
Родителите беа ред и закон. Бабите и дедовците ги слушавме бидејќи тоа од нас се очекуваше и тоа никому не претставуваше проблем. Ако не си добар на училиште, едноставно беше во неволја, нема што тука понатаму да се зборува. Нема излегување надвор, нема велосипед, нема џепарлак, среќен си ако не добиеш влечка по задникот веднаш после родителската средба. Зборот на родителот беше последен.
Ако кажеш макар и „Добро“, следува предупредувањето: „Ако ти ја плеснам една има да ти зуе три дена, ме разбра?! Јас го имам последниот збор“. И тогаш ти климнуваш со главата, не се исплаќа да ризикуваш казна, доаѓа викенд. Најлошото што може да ти се случи е цел викенд да чистиш ориз со баба ти. Многу ориз.
Се знаеше ред во врска со се', и ние додека растевме тоа го прифаќавме како цврсто поставена граница која не се преминува. Не сакаш боранија за ручек? Ќе ја изедеш за вечера. Не сакаш ни за вечера? Те чека истата боранија за појадок. Тогаш сфаќаш колку сето тоа е зафркнато, па ја јадеш за ручек кога ќе ти се даде.
Што има благо? Јаболко. Нешто поблаго? Имам јајца со шеќер, но нарендај јаболка со шеќер, јади шеќер, не знам... Има уште пет дена до пензијата, тогаш ќе има сладолед. Наградите за одличен успех на училиште беа доста скромни и ние бевме бескрајно радосни. За одличниот успех од татко ми и мајка ми добив нешто посебно. Го помнам првиот вокмен. Деноноќно учев за тој вокмен, пишував реферати, ги поправав оценките само за да можам да г слушам „Blondie“ и „Depeche Mode“ додека шетам облечена во зелените старки кои ги добив минатата година за одличниот успех.
Старките беа најдоброто што можеше да го поседуваш во тоа време од облека, ако некој ти ги донесе од Америка - во спротивно добиваш некои патики од продавницата „Борово“.
Не можам да сфатам што во меѓувреме се промени во врска со воспитувањето на децата и системот на наградување. Децата денес имаат многу работи и со ништо посебно не се радуваат. Мрзеливоста и зависноста се третираат како „таков е што да му правам“. Што се случи со игрите криенка, ластик, граница, царица? Се случи интернетот.
Парковите и дворовите се заменети со социјалните мрежи. Преку ноќ. Подмолно. И ние тоа го прифативме. Го поздравивме. Се придруживме на ваквиот вид дружење за кое е потребен само компјутер и струја. Децата се дружат онлајн. Внатре.
Како родител, го следев старскиот рецепт на моите родители како децата да не ти го „земат“ мозокот или како да останеш нормален, авторитативен и да имаш неограничена слобода на движење.
Како стана тренд границите да не постојат или родителите да не знаат да ги постават и да ги држат стабилни? Во суштина се промени тоа што децата се третираат како да се од морска пена. Понекогаш застанувам и ги набљудувам младите родители по парковите. И жал ми е. Гледам дека се изнервирани, исфрустрирани, не можат да го совладаат сопственото родено дете од четири години. Трчаат по нив ни паркот и ги хранат така трчајќи бидејќи „тој само така сака да јаде“. Трчаат по нив за случано да не паднат. Пушти го да падне бре, како ќе ја развие моториката на сопствените раце и нозе ако не знае дека постои и таа можност... да падне.
„Моето дете не јаде спанаќ, моето не јаде месо, сака само компири, ова моето не спие до полноќ..“ Како бре не спие, па убаво пишува во книгата на Д-р Спок: Ставете го во кревет најадено, преслечено и изгаснете го светлото. Во девет во кревет бре! Плаче, па баш ми е гајле, и јас сум живо суштество. Каде се моите пет минути?
Јас ги родив нив, не тие мене! Постои време и место за јадење, спиење, игра и тука нема компромис. Тоа е едноставно така. Не е целта на родителството да му бидеш роб на твоето дете, туку од него да направиш чесно човечко суштество со стекнати здрави навики. Со детето да развиеш здрав, разумен однос каде се знае дека меѓусебната почит е најважна, како и доследноста на секое изговорено правило.
„Извинете“, ми вели една млада жена, „вашето дете јаде земја“.
„Знам, нека јаде ако сака. Тоа е мало животно, ако не му е по волја, ќе ја плукне“.
Не стекнав многу истомисленици во тоа спонтано, заедничко собиралиште по парковите. За многу луѓе се однесував чудно и се тргаа од мене. И тоа го сфаќав. Не зборував, додека не ми се поставуваше прашање. Твое дете, твоја грижа.
Жал ми е да се слушам колку грешиш млада жено. Грешиш бидејќи го пушти да плаче и да те удира бидејќи не го доби 25-то лижалче, грешиш бидејќи не си наспана затоа што тој не спие до еден часот навечер. Грешиш што со лижалчиња му плаќаш да биде добар кон тебе и кон другите. Грешиш бидејќи постојано му ги бришеш рацете со влажни марамчиња.
Грешиш бидејќи го учиш дека секое куче ќе го касне и секоја мачка ќе го гребне. Грешиш што е дебел, во пелени со цуцла, а има четири и пол години и забите му се црни од кариес. Грешиш што не го оставаш да оди во пескота да не се извалка, и на тобоганот за ти да не мораш да го фаќаш бидејќи прегрубо ќе падне. А потоа ќе плаче... а ти остана без слатки во твојата торба. Жал ми е за тебе жено. Жал ми е бидејќи знам во што ќе се претвориш. Во она што никому не му одговара. Дури ни на твоето дете.
Автор:
Сандра Тодоровиќ/Детињарије