X
 16.02.2018 Образование

Необични правила во училиштата низ светот

1

Секоја земја има свои чудни закони и единствени обичаи, па така и образовниот систем не е поштеден. Училишните правила се неопходни за воспоставување здраво и позитивно опкружување за секој ученик за да може квалитетно да се развива и да учи.

Но правилата во училиштата се разликуваат од земја до земја и некои од нив е навистина тешко да се разберат, но мораме да бидеме свесни дека недоволното познавање на културата и традицијата на државите во кои настанале и кои ги применуваат создава бариери меѓу нас и нивното разбирање. Покрај правилата за однесување во училиштата, наставниците применуваат и одредени видови казнувања. Во минатото професорите имале апсолутно право и да ги удрат децата, а тоа родителите го одобрувале. Денес повеќе не е така. Ви ги претставуваме најнеобичните училишни правила што се применуваат низ светот.

Замрзнат грашок

1

Ученик од Кина објавил фотографија од неговите колена откако под казна морал да клечи на замрзнатиот грашок. Ги знаеме приказните на бабите и дедовците - како и тие понекогаш биле казнувани и морале да клечат на пченка во ќошот од училницата. Во нашата земја ваквиот вид училишна казна престанал да се применува, но ваквиот систем на казнување и понатаму се практикува во земјите во Азија.

Најдобар пријател


Училиштата во Англија почнаа да им забрануваат на учениците да имаат најдобри пријатели. Родителите, наставниците и психолозите ја оправдуваат оваа забрана со тоа што тврдат дека децата подобро ќе се развиваат и ќе бидат поприфатени доколку имаат поголема група другари. Во ваква ситуација никој нема да се почувствува запоставено. Критичарите на овие правила сметаат дека најдобрите пријателите имаат доживотна вредност.

Црвено хемиско пенкало

2

Пораснавме со професорите што ги прегледуваа нашите задачи со црвено пенкало за да ги истакнат нашите грешки. Денес, многу училишта во Австралија и во Велика Британија забрануваат да се користи оваа боја. Психолозите тврдат дека црвената боја психолошки може да му нанесе штета на детето, бидејќи црвената ги мотивира учениците, а им приредува и дополнителен притисок и страв.

Кревање рака


Практиката на кревање рака за да се одговори на прашањето, според училиште во Нотингем, е бескорисна и затоа е забранета. Директорот на училиштето тврди дека секогаш се јавуваат истите ученици. Ова не ги поттикнува и не им овозможува на другите ученици да се вклучат во наставата. Сега наставникот може да избере кој било ученик да одговори на прашањето бидејќи се смета дека постојат и деца што се плашат да кренат рака.

Дремење

deca

На учениците во Кина им е дозволено да отспијат 30 минути во текот на денот. Наставниците веруваат дека спиењето може да ја подобри меморијата и да обезбеди енергија за понатамошно учење. Децата може да отспијат на масите, а дозволено им е и да носат перници и ќебиња. Постарите деца можат да спијат на столчињата.

Дали може да одам во тоалет?


Едно училиште во Чикаго на децата им ја ограничи можноста за одење во тоалет во текот на часот. Учениците во ова средно училиште можат трипати да го посетат тоалетот, што е повеќе од доволно.

Стоење на раце

Азиските земји се познати по строгите правила, но и по необичните видови казнувања на учениците. Едно од нив е и стоењето на раце доколку задоцнат на час или доколку зборуваат за време на час. Како казна се користат и склековите, трчањето и држењето подигнати раце над главата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование