Културата во сообраќајот е концепт чиј развој, продлабочување и подигнување се национално прашање.
Имено, уште во 2011 година дури 90 држави во светот пристапија кон изработка на програма за безбедност на патиштата во рамките на Декадата на акции за безбедност на патиштата 2011-2020 усвоена на Генералното собрание на Обединетите нации. Така, имајќи го ова предвид и препознавајќи ја потребата да се зајакне свеста за културата во сообраќајот, унгарското министерство за национален развој, националниот комитет за превенција на сообраќајни незгоди во рамките на унгарската полиција, Институтот за транспортни науки и автомото-клубовите, а со поддршка на канцеларијата на Светската здравствена организација во Унгарија на 11 мај 2015 година првпат организирале настан во чест на подигнувањето на свесноста за значењето на културното однесување врз безбедноста во сообраќајот, кој прерасна во традиционален ден познат како „ДЕН НА КУЛТУРАТА ВО СООБРАЌАЈОТ“, кој годинава се слави по 7. пат.
Всушност, Битола, преку Техничкиот факултет - Битола и УКЛО, а со тоа и Македонија е интернационален партнер на унгарската идеја за промоција на културата во сообраќајот, заедно со Шчеќин од Полска, Загреб од Хрватска и Виена од Австрија.
Технички факултет - Битола & УКЛО е партнер од 2018 година, така што оваа ни е четврта година по ред како го празнуваме 11 Мај, за жал, втора година со онлајн-активности.
По успешните 2018 и 2019 година исполнети со многубројни теренски активности, плодни акции и многу вложен труд, а како носител и организатор на активностите, професорката Јасмина Буневска-Талевска од Техничкиот факултет – Битола, УКЛО, беше наградена со стаклена плакета за успешност, а во 2019 година ја понесе почесната титула амбасадор на културата во сообраќајот.
Според неа, сообраќајот и сообраќајната инфраструктура се платформа за раст на едно општество, но неретко за последица имаат многу несакани ефекти, како сообраќајни незгоди и несреќи на учесниците во сообраќајот, повреди, загадување на животната средина, бучава и сл. Сообраќајните незгоди се општ социјален и економски проблем, оневозможувајќи го развојот на општеството со зголемување на трошоците за осигурување, здравство, боледувања, инвалидитети и загуби. Токму младите луѓе кои треба да бидат двигатели и да дадат енергија и виталност на општеството се оние што поради неискуството и невнимателноста страдаат во сообраќајот.
Сообраќајната култура е дел од општата социјална култура, додава таа, култура која се гради во еден подолг временски период од рано детство до зрели години. Во најопшта смисла, сообраќајната култура треба да ја негуваме и да им ја пренесуваме на учениците и студентите како прифаќање и примена на сообраќајните знаења, вештини и навики, формирање карактерни црти, позитивни ставови, интерес, вредности, сообраќајна етика и свесност кај сите. Културното однесување во сообраќајот НЕ Е САМО да ги совладаме содржините и правилата на сообраќајната култура, ТУКУ да градиме критички културни вредности, ставови и навики и доколку е потребно да ги менуваме во согласност со промените во условите на сообраќајот и промените на социјалните односи во заедницата.
Професорката Буневска-Талевска истакнува дека сме на прагот на втората Декада на акции за безбедност на патиштата 2021-2030, која се очекува да биде донесена во август годинава откако Генералното собрание на ООН ја донесе резолуцијата 74/299 „Подобрување на глобалната безбедност на патиштата“ со амбициозна цел да се спречат најмалку 50% од смртните случаи и повредените во сообраќајот на патиштата до 2030 година, според која се бара од СЗО и регионалните комисии на ООН во соработка со другите партнери во европскиот совет за безбедност на патиштата да подготват акционен план за поддршка на генералната цел на Декадата и она што од нас се очекува и треба континуирано да го пласираме, шириме и надградуваме е ставот дека „градењето сообраќајна култура е континуиран процес, кој МОРА да се стави под капата на националните и локални заедници“. Воедно, според професор Буневска, сообраќајната култура се карактеризира со индивидуалност, развој, правда, одговорност и хуманост, а за разлика од културните, основните карактеристики на некултурниот учесник во сообраќајот се убедување, непослушност и себичност, карактеристики кои честопати предизвикуваат агресивно и површно однесување, како и недостиг на внимание на возачот кон безбедноста на другите учесници. Поради наведените форми на однесување, некултурен возач прави неколку работи истовремено (на пример, консумира храна и пијалаци додека управува возило, користи мобилен телефон или слуша гласна музика) и е лично неодговорен за какво било дејствие што го извршува во сообраќајот. Некултурниот учесник во сообраќајот е склон на изразување гнев и агресија при управување со моторно возило, непочитување на сообраќајните правила, секојдневни прекршувања и конфликти (вербално и физички) со другите учесници во сообраќајот.
Етиката и моралот како носители на културата во сообраќајот подразбираат почитување на одреден кодекс на однесување во заедницата, кој јасно дефинира што се смета за посакувано и што е непосакувано однесување, или добро и лошо однесување. Сообраќајната етика е гранка на етиката применета во областа на сообраќајот, што ги проучува моралните норми, вредности, цели, обичаи и односот помеѓу учесниците во сообраќајот.
Предметот на проучување на сообраќајната етика, и во согласност со горенаведената дефиниција, вклучува НОРМИ на однесување во сообраќајот дефинирани со сообраќајните правила и прописи, кои се бара да ги почитуваат сите учесници во сообраќајот, а целта на постоењето на нормите е регулирање на сообраќајниот систем и неговото одржливо функционирање, со основна задача да им овозможат на сите учесници во сообраќајот да ги исполнат своите барања, а тоа е секој учесник да се движи безбедно, во најкус можен рок на патување и без конфликти со другите учесници во сообраќајот, притоа почитувајќи ги сообраќајните правила.
Подобрувањето на системот за безбедност во сообраќајот и спречувањето на сообраќајни незгоди е во интерес на секоја индивидуа, без оглед на расата, полот, националноста, социјалното потекло, религијата, политичкото или друго убедување, имотната состојба и возраста.
Истражувањата покажуваат дека промената во однесувањето има најголемо потенцијално влијание врз безбедноста на учесниците во сообраќајот (20-40% на ниво на ЕУ).
Затоа, основно во секоја идна активност за развој и подобрување на сообраќајната култура е дефинирање на етички и морален стандард како збир на правила кои го одредуваат однесувањето на учесниците во сообраќајот под следното мото (како пример):
- Јас сум одговорен за сите патници во возилото;
- Прописите служат за заштита на сите нас;
- Да ги заштитиме децата во сообраќајот
- Мојот автомобил е направен од метал, но пешаците и велосипедистите не;
- Нема да користам мобилен телефон за повици и пораки затоа што е опасен;
- Подобро е да пристигнам подоцна отколку да не пристигнам воопшто;
Денес, постојат два основни модели за подобрување на сообраќајната култура во локалната и поширока заедница, а тие се: превентивен и репресивен модел.
Превентивниот модел се заснова на активности чија основна задача е да влијаат на промената и развојот на свеста кај учесниците во сообраќајот. Превентивниот модел го вклучува сообраќајно образование и воспитување, се темели на процесот на учење и е составен дел од животот на секоја личност, во смисла на неговата подготовка за независно и соодветно вклучување во сообраќајот.
Родителите, кои имаат голема одговорност во процесот на воспитување на децата, се главно одговорни за сообраќајното образование и воспитување.
Образовните институции исто така имаат значајна улога во процесот на сообраќајно образование. Предучилишните установи, основните и средните училишта треба да поддржат стекнување основни знаења за сообраќајот од страна на нивните ученици.
Репресивниот модел се применува во случаи кога превентивниот модел не го постигнува посакуваниот исход. Овој модел се темели на присилни активности насочени кон сите субјекти и лица што не се однесуваат и не постапуваат во согласност со сообраќајните правила и прописи.
За да се подобри сообраќајната култура во локалната заедница, се препорачува да се користат превентивни модели кои имаат поголем потенцијал во споредба со репресивните модели.
Имено, безбедноста во сообраќајот очигледно не зависи само од спроведените мерки, туку и од нивното почитување. Ако нивото на сообраќајна култура е повисоко, безбедноста е поголема. Постојаните промени што се случуваат во сообраќајот бараат трајни студии и приспособувања на новите услови, правила и норми на функционирање на сообраќајот.
Имајќи ја предвид положбата и статусот на локалната самоуправа во системот за безбедност во сообраќајот, неопходно е да се инсистира на усвојување на стратегија за одржлив и ефикасен систем за управување со безбедноста во сообраќајот во градовите, што ќе овозможи да нема повредени или смртни случаи во сообраќајот.
За жал, сообраќајното образование и образованието стекнато во образовните институции е на ниско ниво, медиумите не се заинтересирани за ваква содржина, па затоа, целиот товар паѓа на родителите. Многу сакам да верувам дека иднината им припаѓа на превентивните активности и дека подобрувањето на сообраќајната едукација и воспитување на децата ќе стане една од најважните стратешки мерки во рамките на националните стратегии за безбедност во сообраќајот кај нас, а по примерот на развиените земји во кои се посветува исклучително големо внимание на сообраќајното образование.
А што е она што нè обврзува?
- Виенската конвенција за безбедност на патиштата од 1968 година, која нè обврзува да обезбедиме образование за безбедност во сообраќајот за секое дете.
- Целите на урбаната агенда за одржлив развој 3.6 – безбедност, 11.2 – мобилност и 4.7- образование.
- Декларацијата на ЕУ министрите за транспорт од мај 2017 година – ВАЛЕТА за подобрување на сообраќајната култура базирано на вредности – континуирано и ефективно образование и тренинг со различни целни групи.
Зошто? Децата и младите имаат право да растат безбедно. Безбедноста ги вклучува сите и затоа треба да ја негуваме како ПОДЕЛЕНА ОДГОВОРНОСТ. Возрасните треба да бидат едуцирани, за да ги разберат ограничувањата пред децата и нивна е одговорноста да ги чуваат децата безбедни во сообраќајот. Децата имаат физичко и когнитивно ограничување кое ги прави ранливи во однос на возрасните, затоа, само доколку од мала возраст се воспоставуваат добри навики кај децата тие ќе израснат во одговорни учесници во сообраќајот.
Периодот на предучилишна возраст е особено карактеристичен бидејќи тоа е претежно периодот кога децата започнуваат со прва независност во сообраќајот, а тоа е времето кога треба да започнат со посериозно образование на оваа тема.
Сообраќајните знаци како играчки и сообраќајни игри за деца се скоро непостоечки, а игрите во парковите што може да се наречат мал сообраќаен свет се многу ретки.
Последното истражување на моите студенти од Технички факултет Битола,УКЛО говори за следното:
- Во период на доаѓање/заминување на учениците од часови на 5 избрани локации дури 25% од учениците/родители (пешаци) несоодветно го минуваат пешачкиот премин до училиштето !
- Запрашани за ризикот, дури 79% од испитаниците се свесни за ризикот во кој ги доведуваат и возачите и останатите учесници, 31% од нив немаат намера да ги менуваат своите навики J !
- Секој 3 пешак не ги почитува сообраќајните знаци и сигнализацијата, а 2/3 од пешаците тоа свесно го прават !
- 68% од возачите не го почитуваат ограничувањето на брзината иако се свесни за ризикот – опасно, страшно!
Возрасните се важен модел. Начинот на превоз од и до училиште, од и до дневни активности влијае на воспитувањето на детето. Училиштата и градинките треба да ја сфатат безбедноста во сообраќајот и мобилноста како дел од нивната здравствена и безбедносна работа со децата.
Безбедноста и мобилноста се доживотен процес на учење преку учење, подобрување на вештините и влијаење врз културните вредности на личноста, и затоа, едукацијата воопшто, а посебно во овој домен треба да се сфати како долгорочна работа – долгорочна инвестиција.
Сакам да спомнам дека локалните заедници иако се обврзани со Законот за безбедност во сообраќајот да работат на подобрување на безбедноста во сообраќајот на нивната територија, тоа го прават слабо. Слаб е и националниот и локален превентивен системски пристап за справување со потребата да се подобри културата во сообраќајот и мобилноста на децата!
А таа, сообраќајната култура ни е на ниско ниво, на кое треба ИТНО да се работи затоа што ако не ја менуваме свеста и кај возачите и кај пешаците бројот на сообраќајни незгоди со тешки последици и загинати ќе се зголемува!
Потребно е да се работи и на национално и на локално ниво и тоа: заедно, координирано, со вклучување на сите институции кон повисока култура во сообраќајот, повисока безбедност на патиштата и конкурентна урбана мобилност. Како? Според мене релевантни се формите на влијание за подобрување на образовниот процес, форми на влијание за подобрување на национални стандарди и нормативи, преку превземање на активности за побезбедна патна инфраструктура, активности за одржливи иницијативи и превоз (безбедни, еколошки и чисти) и активности за заштита на најранливите учесници во сообраќајот – ДЕЦАТА пред се со креирање на безбедни училишни рути и зони, завршува таа.
Професор Јасмина Буневска-Талевска, Технички факултет – Битола, УКЛО
(Комерцијална објава)