X
 03.11.2015 Образование

На кој начин финските училишта ја зголемуваат концентрацијата на децата?

деца 

 

Многу наставници се прашуваат како да го подобрат нивото на концентрација во училницата, и ова е дилема со која се соочуваат и голем број родители со децата дома. За да се подобри учењето и да се научи што повеќе на час, децата мораат да учествуваат и да бидат сконцентрирани.


Наставниците се обиделе се`, од одење низ училница, до ограничување на времето на предавање, како и смислување на сопствен начин на кој децата ќе учат. Но, една држава одлучи дека најдобриот начин за зголемување на нивото на концентрација е зголемувањето на училишните одмори во текот на денот.

Во Финска, која може да се пофали со еден од најдобрите јавни образовни системи во светот, децата имаат училишен одмор од 15 минути на секој еден час. Во 1960-те, оваа држава го промени образовниот систем и се фокусира на обезбедување на децата еднаков почеток во животот.

Образованието е бесплатно, постои минимално стандардизирано тестирање и училниците се помали отколку во другите држави. Формалното образование започнува во 7-та година - се вреднува детската игра и времето поминато надвор. Овој тренд продолжува и кога детето започнува да оди на училиште. Учениците во просек поминуваат 75 минути на училишниот одмор секој ден. Ова е повеќе од двојно време кое децата во било која друга држава просечно поминуваат одмор за време на обичен училишен ден.

Овој одмор им овозможува на децата да ја трошат енергијата, да се забавуваат и да ги развиваат своите социјални вештини, и далеку од тоа дека им го одвлекува вниманието. Откако ќе заврши училишниот одмор од 15 минути, наставниците во Финска велат дека нивните ученици се повторно сконцентрирани и подготвени да учат. Ако временските услови дозволат, училишниот одмор е надвор. Децата играат на дожд, ветер, студено време и во снегот и влегуваат само тогаш кога има голема временска непогода. Важен дел од овие чести паузи е дека децата можат да играат. Со игрите не раководат наставниците, туку на децата им е дозволено да се забавуваат на свој начин.

Тим Вокер, американски наставник во Финска вели: „Во текот на училишната година, моите ученици од Финска после одморот од 15 минути во училницата влегуваат скокајќи. И најважно, тие беа фокусирани во текот на часовите“.

Во другите држави училишниот одмор се скратува се` повеќе и повеќе. Покрај ограничувањето на времето наменето за училишен одмор, некои училишта ги задржуваат учениците после часовите како вид на казнување за лошото однесување. Тоа значи дека децата кои не се фокусираат на часови, можат да бидат казнети со неодење на училишен одмор кој им е и повеќе од потребен.

Физичката активност може да ги подобри мозочните функции така што го зголемува количеството на кислород кој оди во мозокот. Со ова се подобрува работата на мозокот, што професорите го сметаат за корисно. Играта на игралиштата исто така може да придонесе за зголемување на нивото на физичка подготвеност меѓу учениците. Детската прекумерна тежина би можела да се намали со поттикнување на децата да учествуваат во повеќе физички активности и дома, и на игралиште.

Играта кај децата дава шанса тие да се социјализираат и да учествуваат во создавање на сопствен начин за забава. Ако на децата им се даде шанса сами да ги организираат своите игри и редовно да играат едни со други, мали се шансите тие да го искусат оној вид на досада која ги мачи децата кои учествуваат само во планска игра или оние игри кои се базираат само на технологија.

Постојат многу истражувања кои го поттикнуваат позитивното влијание на играње. Експертот и истражувачот кој го поттикнува значењето на училишниот одмор, Ентони Пелегрини, заклучил дека децата кои одат на одмор можат подобро да се насочат на задачите во текот на часовите. Училишниот одмор влијае врз зголемување на продуктивноста и внимание на часвоите, влијае врз зголемување на самопочитта и способноста за решавање на проблемите бидејќи децата сами ги контролираат своите активности. Пелегрини исто така заклучил дека училишниот одмор им помага на децата во развивањето на контролата на умот.

Многу луѓе сметаат дека детската игра и учењето се различни работи, а не знаат дека децата всушност учат преку игра. За помладите деца, играта е еден од најдобрите начини да се поттикне учењето, особено кога играта е самонасочена. Како што децата растат, така играта и понатаму има важна улога во учењето и образованието. Училишниот одмор им овозможува на децата поефикасно да учат, да ја подобрат самодовербата и да изградат силни односи со своите врсници. 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование