„Фејсбук“ во изборот на своите апликации за „ајфон“ и андроид-телефоните ја додаде новата опција „Протект“. Ако ја активирате, таа ќе ве одведе директно до продавницата за апликации, до „Онаво Протект“, чиј сопственик е „Фејсбук“.
Марк Закерберг и неговиот тим ја купиле компанијата „Онаво“ од Израел во 2013 година. Оттогаш користеле податоци кои биле собрани од тој сервис за да ги следат начините на кои луѓето користат апликации на нивните мобилни телефони дури и кога не го користат „Фејсбук“. Така, на пример, дознале како користењето на „Снепчет“ почнало да опаѓа откако „Фејсбук“ ја воведе опцијата за „Инстаграм сторис“, што е копирана од таа апликација. „Онаво“ е наводно заслужна и за додавањето на опцијата за групен видеоразговор на „Месинџер“.
„Онаво“ е виртуелна приватна мрежа. Таквите
апликации овозможуваат пренасочување на сообраќајот на интернет преку веб-сервери на надворешни доставувачи, за да се маскира тоа што го правиме додека сурфаме на интернет.
Може да се прикаже како вашиот компјутер се наоѓа на друга локација од реалната, како и да се заштити сообраќајот на интернет со шифри, поради што е потешко да се шпионира. За услугите од многубројните такви сервиси, потребно е да се плати, иако има и неколку бесплатни.