X
 18.02.2018 Живот

Виз Ер Скопски маратон е предизвик за самонадминување

Виз Ер Скопски маратон по 14. пат годинава ќе се одржи на 6 мај. Тој датум за верните (полу)маратонци и страсни трчачи е денот што се чека, што има приоритет пред сите други датуми во спортската година. Скопскиот маратон ги повикува сите заинтересирани да се пријават за учество преку веб-страницата: www.skopskimaraton.com.mk

Факултети.мк разговараше со неколкумина трчачи од Скопје кои ги споделија своите искуства за овој спортски настан.


Марина Домазетовска, маркетинг-менаџер во Seavus

- Скопски маратон за мене е синоним на градот, крвотокот на Скопје низ кој можеме еднаш годишно да проструиме со многу страст. Секоја година му се радувам, како и сите мои пријатели трчачи! Мило ми е што гледам дека напредуваме од организациски аспект. Уште повеќе што имаме многу гости од целиот свет. За нив нема подобар начин да го запознаат градот. Би сакала да ги охрабрам сите што досега не го истрчале Скопскиот маратон да се пријават оваа година и да уживаат. Не е едноставно кога ќе стигнеш во Влае и ќе ти текне дека треба да трчаш до Лисиче, па назад до центар. А маратонците, пак, два друга, на топлиот скопски асфалт без сенка! Но, целта е неопислива радост која ви ја посакувам. И да, кога би имале публика, поддржувачи, луѓе по улиците да бодрат, онаа маката од погоре ќе биде многу помала. Ако не го трчате Скопски, бидете дел со тоа што ќе излезете со нас на улица и ќе нè бодрите. Едвај ве чекаме! Така сме град.


Марина Домазетовска

Димитри Михаилов-Миовски, специјалист за логистика

- Скопскиот маратон и јас годинава славиме мал јубилеј, 10 години заедно. Скопски е директен виновник за мојата љубов кон трчањето. Приказната почна во 2008 година кога на покана од другар ги истрчав првите 5 км. Следуваа трки на 21 км и на 42 км. Низ годините заедно растевме и напредувавме. Тој успеа да прерасне во најмасовната и најдобро организираната спортска манифестација кај нас, јас успеав да истрчам илјадници километри, да запознаам еден куп убави луѓе-вљубеници во трчањето со кои развиваме силна трчачка заедница. Како минатата година, така и оваа трчачката група 091RUNCrW гласно ќе ги бодри сите оние што се нафатиле на предизвикот. На Скопски му посакувам да продолжи да расте и да се развива, да го слави трчањето, да го развива спортскиот дух, да остане предизвик и инспирација за многумина да се надминат себеси.

Димитар Михајлов-Миовски

Петар Георгиевски–Камиказа, сопственик на KLS events

- Скопскиот маратон е почеток на едно ново видување на животот и повторно и повторно себенадминување. Со Скопски 2011 сѐ започна и сѐ уште трае. Запознав стотици луѓе со искрена намера да станат уште подобри од тоа што се. Сѐ што правам со трчачката сезона е прво подредено на Скопски, од него зависи сѐ! Оваа година ќе се обидам да бидам мотиватор за 1,59, или пејсмејкер. Се гледаме на стартот!

Петар Георгиевски-Камиказа

Драган Тодоровски-Дац, сопственик на Bike Center

- Скопскиот маратон е желба да направиш нешто што вообичаено не можеш. Скопје во мај е непредвидлив, може да врне, а може да биде и пекол. Предизвикот по 10 км е да го завршиш. Аеродромската публика е најјака, но суровата вистина е што за маратонците вообичаено нема публика. Ним им е најтешко зашто вртат два круга. Трчањето во група дава многу енергија.

Драган Тодоровски-Дац

Блаже Цоневски, теренски инженер во Вип

- Скопскиот маратон за мене е настан број еден во градот, извонредна позитивна енергија, насмеани лица, спортски настан за кој ги одбројуваме деновите и со нетрпение го очекуваме. Извонредно е чувството да се трча на Скопски, домашен терен, секоја педа од асфалтот ја чувствуваш под патиките како своја, знаеш точно до каде си и уште колку свиоци имаш до крајот. Скопје живее за Скопски маратон!

Блаже Цоневски

Антонија Брезовска, сопственик на DoGo Скопје


- Скопскиот маратон за мене лично претставува најголем спортски настан во Македонија. Тој ден е шанса на сите што го практикуваат трчањето да го почувствуваат натпреварувачкиот дух, еуфоријата на масовното движење и чувството на себенадминување кога ќе ја поминеш целта. Она што ме растажува и значително ми го намалува уживањето е недостигот на публика. Иако овој настан ја издигна свеста за трчањето како стил на живот, сѐ уште нема доволно интерес од жителите да ја дозачинат атмосферата. Ако нешто дава оцена плус на кој било маратон, тоа е поддршката од публиката, аплаузите, конфетите, транспарентите, пуштената музика, пружената рака за петка, подадената вода, извиците... Се надевам дека медиумските покровители оваа година ќе најдат инспиративен начин во недела да ги изнесат луѓето на скопските улици, да се забавуваат со нас и да докажат дека гостопримливоста и поддршката се дел од културата на нашиот народ.

 
Антонија Брезовска (десно)

Гордана Петковска, доктор
- Скопје секогаш е убав на денот на Скопскиот маратон. Секоја година браво за сите учесници, навивачи! И најважно е да учествуваш!

Гордана Петковска
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот