X
 20.02.2018 Живот

Оваа година ќе бидат создадени 70.000 нови професии

rabotno mesto
Фото: Pixabay

Во текот на следните 25 години луѓето нема да извршуваат 40 отсто од денешните професии, но од дилемата дали машините ќе нè заменат поважно е прашањето кои вештини ни се потребни за да ги работиме професиите од иднината, е заклучокот на предавањето „Роботиката и машинското учење ги менуваат професиите на иднината“, кое за српските студенти го одржа Јург Штукер, задолжен за иновации и консултации во швајцарската софтверска агенција „Намикс“.

Повикувајќи се на последните анализи од Светскиот економски форум, Штукер истакна дека годишно исчезнуваат 15 отсто од професиите, а истовремено во просек се создаваат 70.000 нови работни места. Поради оваа причина, важно е уште отсега луѓето да размислуваат за образованието за идните работни места.

„Истражувањата направени врз основа на примерот на Швајцарија, а кои можат да се применат и на другите пазари, покажуваат дека 56,3 отсто од луѓето на возраст од 25 до 39 години ја промениле работата во последните три години, со што може да се заклучи дека традиционалната потреба за едно работно место се заменува со потребата за постојано учење. Сепак, многу професии што ќе ги работиме во иднина денес не постојат. И покрај тоа, 78,6 отсто од светската популација помлада од 30 години сметаат дека технологијата не уништува, туку создава можности за вработување, но прашање е дали постарите луѓе се поскептични кога станува збор за работните позиции“, истакнува Штукер, кој смета дека секој што денес бара работа треба што порано да ги подобри своите вештини.

Современото работно опкружување, Јург Шукер го опишува како делумно дигитализирано и често со флексибилно работно време и задачи. Исто така, тој наведува дека во иднина ќе биде вообичаено луѓето да работат повеќе работи одеднаш, што ќе влијае врз развојот на таканаречената „гиг економија“ што подразбира луѓето сè почесто да заработуваат како хонорарни работници, но исто така и тргувајќи преку платформи како „Купувам-продавам“, „Убер“, „Ејрбнб“ и „Етси“.

„За да се снајде во ваквото работно опкружување, човек мора дополнително да ги развива оние способности што го прават различен од машините. Тука, пред сè, се мисли на можноста човек да знае да прави разлика меѓу вистинските и лажните вести. Исто така, секој ќе мора да работи на развојот на социјалната интелигенција за да може поефикасно да работи во тим“, објаснува Штукер.

Иако прашањето дали новата технологија негативно или позитивно влијае врз професиите стана доста честа тема за дискусија помеѓу оние што денес бараат работа, Јург Штукер смета дека младите сепак се оптимистички.

„Моменталната технолошка револуција не би требало да стане борба помеѓу луѓето и компјутерските алгоритми, туку можност човекот да го запознае својот целосен потенцијал. На пример, алгоритмите се предност кога зборуваме за препознавање слика, и тука можат да се препознаат и како помош и како закана. Луѓето со 97,5 отсто од успехот го препознаваат истиот лик на две различни фотографии, додека алгоритмот точно поврзува 99,7 отсто од сликите. Кога го тренираме, тоа го прави со 100 отсто успешност. Тоа можеби е лоша вест за луѓето што работат на безбедносните промени на аеродромите, но дефинитивно е добра за раната дијагностика и третман на медицинските заболувања што се покажуваат на рендген“, заклучува Штукер.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот