X
 21.02.2018 Живот

Просечните плати во регионот - каде е Македонија?

Според последните официјални статистички податоци, највисоките просечни плати во регионот се во Словенија и во Хрватска, а најниските во Македонија и во Босна и Херцеговина.


Податоците од Одделот за статистика на Словенија покажале дека на крајот од 2017 година просечната нето-заработка во Словенија пораснала на 1.062 евра, што е номинално зголемување од 3,1 проценти, а реално од 1,7 процент во однос на 2016 година. Минатата година во приватниот и во јавниот сектор во Словенија е забележан раст на просечната месечна заработка. По Словенија следува Хрватска во која, според најновите податоци, просечната плата изнесува околу 835 евра.

Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната исплатена нето-плата по вработен во Хрватска, за ноември минатата година, изнесувала 6.190 куни, или 832 евра, што е на месечно ниво номинален раст од речиси 3 проценти, а на годишно за 6,6 проценти. Следува Црна Гора, каде што просечната плата во последниот месец од 2017 година изнесувала 512 евра. Износот на просечната нето-заработка во таа земја во декември останал ист како и во ноември, додека во однос на декември 2016 година, забележан е раст од 0,6 проценти. По Црна Гора, највисоки просечни примања се забележани во Србија, каде што, според податоците, просечната нето-плата во декември 2017 година изнесувала 54.344 динари, односно 459 евра, што е номинално и реално зголемување за 14,2 проценти во однос на ноември.

Најниски просечни плати во регионот на Балканот се забележани во Босна и Херцеговина и во Македонија.

Според податоците, просечната месечна исплатена нето-плата во БиХ во декември 2017 година изнесувала 862 КМ или 440 евра и номинално е повисока за 0,6 проценти во однос на претходниот месец, т.е. повисока за 1,1 процент во однос на декември 2016 година.

Според податоците од Одделот за статистика во Македонија, во ноември 2017 година просечната месечна нето-заработка во земјава е 23.196 денари, односно 377 евра.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот