Универзитетската библиотека „Св.Климент Охридски“-Битола во соработка со ОУ „Даме Груев“ - Битола денес го одбележа Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Во светот се зборуваат над 6.000 јазици, а на половина од нив им се заканува исчезнување. Мајчиниот јазик - наш идентитет и наша култура е темата на којашто се зборуваш на настанот во битолската библиотека.
„Сакаме да им укажеме на најмладите читатели колку е значаен мајчиниот јазик за идентитетот на еден човек, но исто така, ние како библиотекари, да ги вложиме сите наши напори да се сочува македонскиот јазик, кој е јазик со ограничено дифузно значење, е помал од другите светски јазици, кои што се агресивни кај нас. Библотеките се храмови кои што го чуваат пишаниот збор и се бастион на она што претставува борба за употреба на македонскиот јазик, наместо странските зборови. Заедно со наставници од основните и средните училишта, со Педагошкиот факултет ќе се потрудиме во иднина да организираме повеќе вакви активности, работилници“, изјави Јелена Петровска, директорка на НУ УБ „Св. Климент Охридски“-Битола.
Свое излагање имаше и професорката по македонски јазик, Билјана Герас.
„Бидејќи нема нешто поубаво од тоа да се пишува, твори и зборува на својот мајчин јазик, секој од нас треба да се запознае со историјата на нашиот јазик и неговото значење за да може да твори на него, зашто јазикот е непресушен извор, кој треба да се негува“, посочи таа.
„Јазикот е показател на идентитетот, на припадноста кон одредена нација. Во оваа смисла, не е доволно само да го поседуваш богаството, уште поважно е да се негува и зачува за наредните генерации. Секое богатство ако не се негува и надополнува понатаму – кога и да е, ќе се истроши или ја изгуби својата моќ. Па така и јазикот. Без натамошно континуирано вложување во тоа богато наследство, настанува ситуација на губење на јазичната вредност. И како што вели Крсте П. Мисирков: „Милоста кон родниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто е наш, исто како што е наша татковината.“ Оној што се грижи за татковината, се грижи и за мајчиниот јазик“, рече Герас пред присутните.