Извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, најави дека овој светски гигант работи на неколку револуционерни производи, но треба да бидеме трпеливи додека да се појават на пазарот, за неколку години.
„Секој производ ние го развиваме во согласност со нашите далекосежни планови. Три до четири години однапред развиваме силиконски чипови, што значи дека моментално работиме на проекти кои нема да ја видат светлината на денот до средината на ’дваесеттите‘ години на овој век“, изјави тој.
Меѓу нив најверојатно се „
Apple Glasses“ за кои се „шушкаше“ во изминатите месеци. Минатиот октомври Кук изјави дека технологијата на проширената реалност за „паметните“ очила сè уште недоволно напредувала за „Епл“ со мирна душа да им го понуди производот на потрошувачите. Очилата би ги правела компанијата „Кванта“, која моментално ги составува компјутерите „Apple Watch“ и „MacBook“, а потпретседателот на компанијата вели дека „Кванта“ би можела да го има производот до крајот на следната година.
„Нашата цел не е да заработиме што повеќе и што побрзо, туку на купувачите да им понудиме
извонредни производи. Она што нас нè мотивира е правењето ’чуда‘, уреди кои на потрошувачите им овозможуваат да работат нешто што дотогаш им било невозможно. Да ги земеме за пример иновациите во осветлувањето на камерата на уредот ’ајфон икс‘ – во минатото тоа им беше достапно само на професионалните фотографи кои на располагање имаа студиско осветлување. Сега, ’ајфон икс‘ ви го нуди тоа, и точно е, не зборуваме за евтин производ, но од друга страна и студиското осветлување чини десетици, стотици илјади долари“, изјави тој.
Значи, „Епл“ во наредните неколку години вредно ќе работи на идејата „коренито да ни го промени животот“.
„Успехот на компанијата ни овозможува да инвестираме значајни средства во истражување и развој, и некои од нашите производи во иднина ќе бидат нешто што вистински ќе ни го промени животот засекогаш. Во тоа сум уверен со целото свое битие“, вели Кук.