Го знаете она чувство кога се чини дека парите само исчезнуваат од вашиот паричник или од вашата банкарска сметка? Па, работите ќе бидат полоши.
Кога апликацијата во продавницата за апликации на „Епл“ ја зголеми цената на претплатата, претплатниците беа известени и мораа да се согласат за новата цена. Доколку не го стореа тоа, претплатата немаше да се обнови во следниот период на наплата.
Но, ова се промени. На својата веб-страница „Епл“ објави дека развивачите на апликации сега ќе можат да ја зголемат цената на претплатата без да ги известат корисниците.
Секако, постојат одредени критериуми кои мора да се исполнат за да се случи тоа.
- Специфични услови за оваа карактеристика се зголемувањето на цената да не се случува повеќе од еднаш годишно, да не надминува 5 долари и 50 отсто од цената на претплатата или 50 долари и 50 отсто за годишната претплата и е дозволено со локалниот закон - пишува „Епл“.
За цените што се над овие граници, корисниците ќе треба повторно да добијат известување и да се согласат со тоа.
Од „Епл“ велат дека ја направиле промената затоа што претходниот систем предизвикал „ненамерно прекинување на некои услуги за корисниците“, кои потоа морале повторно да се претплатат.
Како пример за тоа како ова би можело да изгледа во реалниот живот, апликацијата која првично ви наплатувала 100 долари годишно може да ја зголеми цената на 250 долари годишно за три години, што не е занемарливо.
За среќа, зголемувањето на цените може да се случи само еднаш годишно, но корисниците секако ќе мора да бидат повнимателни при проверката дали цената на нивните претплати на апликациите е зголемена.