X
 08.12.2022 Технологија

Италијанската полиција ќе добие паметни очила за брза проверка на документите

Во италијанскиот град Арецо полицајците ќе бидат опремени со паметни очила кои ќе им овозможат брза проверка и регистрација на документите.

Иако проектот „Гугл глас“ не се покажа успешен, како и другите слични концепти што ги гледавме низ годините, една компанија продолжува да развива слични паметни очила - кои сега ќе добијат значајна примена.

Италијанската компанија „Лабконсуленце“ разви паметни очила со технологија за проширена реалност, наречени „лабгласес“, па сега полицијата од италијанскиот град Арецо во Тоскана ќе има можност да ги тестира.

Почнувајќи од овој месец, полициските службеници на терен ќе бидат опремени со овие паметни очила како дел од пилот-проект, со цел да се оцени нивната ефикасност во реални ситуации. Паметните очила на полицајците ќе им дадат можност за брзо скенирање на документи или регистарски таблички на автомобилите, така што полицајците ќе добијат информации за луѓе или возила за кои ќе одлучат да направат ваква проверка. На овој начин службениците за неколку секунди ќе можат да проверат дали се валидни личните документи, дали е истечена регистрацијата на возилото, дали возилото е украдено и слично.

Казна за 20 секунди


Системот е дизајниран да ги забрза полициските проверки и, доколку е потребно, да издава казни. Имено, очилата ќе се поврзат преку блутут со мобилен телефон и мал мобилен принтер, кој може веднаш да отпечати казна по скенирањето на податоците, на пример, за непрописно паркирање.

Промотивното видео поврзано со овој проект покажува како со користење на овие очила за помалку од 20 секунди може да се открие прекршокот и да се издаде парична казна.

„Суперочилата“, како што ги нарекуваат Италијанците, чинат околу илјада евра, но полицијата ќе ги добие бесплатно. Првата примена на очилата ќе биде во област каде што е забележана поголема стапка на прекршоци и криминал.


Извор: Bug.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија