Фото: iStock
Дури и најстрашните сили на природата не можат да избегаат од законите на физиката: огнената печка на планината Етна полека се лизга во Средоземното Море, покажуваат последните мерења.
Ова е првпат научниците да можат да го набљудуваат движењето на вулканот во целост, благодарение на повеќе од 100 џи-пи-ес станици испреплетени околу страните на планината Етна.
Лизгањето е бавно, меѓутоа, сега стана незапирливо, е заклучокот на научниците. Како што вулканот се лизга, лизгањето може да предизвика серии дополнителни опасности за луѓето што живеат околу областа на Сицилија, вклучувајќи ги и туристите и научниците што редовно се појавуваат да го посетат природното чудо.
„Претходните истражувања на изумрените вулкани покажаа дека ваквите слични лизгања резултирале со катастрофални свлечишта во текот на нивната историја. Постојаното движење може да придонесе за големо лизгање на брегот на Етна, предизвикувајќи катастрофални цунами во околните области“, вели водечкиот истражува Џон Мареј од Отворениот универзитет во Велика Британија.
Ова упорно движење ќе претставува проблем за вулканолозите, вели Мареј, што го отежнува предвидувањето кога ќе се појават следните ерупции и во која насока магмата може да биде исфрлена. Ерупциите од различни степени и типови се случуваат на неколку години на планината Етна и од суштинско значење за научниците е да направат точни читања за тоа што се случува и кога.
Не постојат причини за загриженост во моментот, велат истражувачите, иако ќе бидат неопходни понатамошни детални истражувања на планината Етна.
Фото: Murray
Податоците покажуваат дека вулканот се движи во насока исток-југ-исток, по наклон од 1 до 3 степени. Малку се менува кон крајбрежниот град Џаре, кој е околу 15 километри оддалечен.
Освен што користеле бројки собрани на терен, истражувачите исто така изградиле симулирана база на вулкани во лабораторијата за понатамошно испитување на она што би можело да се случи. Опасноста би дошла ако ова бавно движење почне да ги зголемува стресовите и притисоците, што ќе доведе до поголеми промени во пејзажот.
„Ако за 10 години стапката на движење се дуплира, тогаш тоа треба да биде предупредување. Ако е преполовена, тогаш нема простор за грижи“, вели Maреј.
Ова не важи само за планината Етна - мерењата направени од Мареј и неговиот тим може да се покажат како корисни во проучувањето на другите вулкани низ светот, а основната топографија може да предизвика промена на вулканот.
Со редовните ерупции, тешко е да се утврди како планината Етна може да се развива и менува во иднина.
„Околу еден милион луѓе живеат околу
планината, така што уништувањето на имотот и човечките жртви би биле катастрофални. Меѓутоа, не постојат знаци дека ова ќе се случи во блиска иднина“, вели Мареј.