X
 30.03.2018 Наука

Астрономите открија чудна галаксија без темна материја

Астрономите открија далечна галаксија во која нема темна материја - мистериозниот и невидлив костур на универзумот за кој се смета дека сочинува околу 27 отсто од вселената.


Фото: Pixabay

Темната материја се нарекува така затоа што не може да се види, а научниците за нејзиното постоење знаат врз основа на набљудувањето на нејзиното влијание над движењето на небесните тела што можат да се видат, како што се ѕвездите. Се претпоставува и би требало темната материја да ја има насекаде.

Сепак, астрономот Питер ван Докум од Универзитетот „Јејл“ и неговите колеги откриле голема и стара галаксија со релативно мал број ѕвезди што се движат без видливо влијание од темната материја, се наведува во студијата објавена во списанието „Нејчр“.

Ова откритие нема да ги потресе темелите на физиката, туку, како што велат научниците, недостигот од темната материја ќе помогне во докажувањето на нејзиното постоење. Астрономот Стејси Мекго, кој не бил дел од истражувачкиот тим, за откритието рече дека е интригантно и додаде дека станува збор за „чудна“ галаксија.

Ван Докум ги проучува дифузните галаксии, кои се просторно огромни, но со мал број ѕвезди. Поради тоа, тој и колегите направија и свој телескоп наречен „Драгонфлај“. Со помош на тој телескоп тие пронашле галаксија во соѕвездието Кит, голема како Млечниот Пат, но со само еден отсто од неговите ѕвезди. Со мерењето на брзината на движењето на ѕвездените јата дошле до заклучок дека тоа е брзина која се остварува кога нема темни материи. Исто така, со мерењето на вкупната маса на галаксијата било заклучено дека во целина таа е составена од ѕвезди.

Други научници, независно од ставот за самата темна материја, не ја доведуваат во прашање пресметката, но наведуваат дека резултатите се збунувачки.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука