НАСА и Европската вселенска агенција ЕСА го објавија новото видео за животот на астронаутите на Меѓународната вселенска станица. На почетокот се чини дека видеото не е ништо посебно, но станува збор за првото видео снимено во 8К резолуција во вселената. Агенцијата за неговото снимање користела камера „хелиум 8К“ од американскиот произведувач „РЕД Камерас“.
На видеото астронаутите покажуваат како им изгледа животот на вселенската станица додека работат и прават разни експерименти. Некои од експериментите во видеото се дел од програмата „БЕСТ“, во која со секвенционирање на ДНК се обидуваат да препознаат организам што се наоѓа на вселенската станица. Исто така, може да се види експеримент во кој се споредува растење на растенија во вселената со растењето на растенијата на Земјата.
- Возбудени сме бидејќи користиме нова технологија што ќе биде интересна за нашата публика што ги следи експериментите на вселенската станица. Секое унапредување на квалитетот на снимката ја приближува вселената до Земјата. Им покажува што нашата работа во вселената значи за нивниот живот, но и за целото човештво - вели Дејвид Брејди, асистент лидер на програмата на Меѓународната вселенска
станица.