X
 07.01.2020 Живот

Елен Очоа, првата Латиноамериканка што била во вселената, се залага да има што повеќе жени во науката и инженерството

Кога првата вселенска прошетка со женски екипаж за малку немаше да се случи бидејќи НАСА немаше доволно вселенски костими што ќе им одговараат на женските астронаути, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон кажа само три збора: Направете друг костим.

- Прочитав за тоа и си помислив: „Ех, само да направат! - вели Очоа, истакнувајќи дека костимите биле стари со децении и речиси било невозможно да се репродуцираат за брзо време. Очоа ѝ се приклучила на НАСА како истражувачки инженер и се пензионирала 30 години подоцна како втора жена и прва шпанска директорка на вселенскиот центар „Џонсон“. Таа имала речиси 1.000 часа поминато во орбитата во текот на четири вселенски мисии.

Од нејзините денови во елитниот астронаутски корпус на НАСА, 61-годишната Очоа се сеќава дека се соочувала со истите проблеми со големината на вселенскиот костим.

- Пред 25 години, одлуката НАСА да не продолжи со малите костими е еден од малкуте примери кога НАСА донесе погрешна одлука - вели Очоа. Додека таа била во астронаутскиот корпус, НАСА одлучила да престане да прави мали и екстра-големи  костими. Но, откако мажите се спротивставиле, НАСА ги задржала екстра-големите и ги укинала малите.

1
Фото: NASA


- Се обидуваа да заштедат пари, што секогаш го прават и го сфаќам тоа. Но, мислам дека не им беше важно дека на многу, веројатно на половина од женските астронаути во тој период нема да им одговара костимот. Сигурна сум дека си мислеа: „Имаме многу астронаути на кои ќе им одговара костимот, па тоа е во ред засега“ - вели таа.

Претходно оваа есен НАСА ги откри плановите за нова вселенска облека со подобрена флексибилност и широк опсег на големини. Се смета дека тоа е заложба за разнообразна работна сила во НАСА, промена за која Очоа вели дека одамна се чекаше. Таа го поздрави развојот и завршувањето на првата вселенска прошетка со женски екипаж и го нарече „голема пресвртница“.

Со вакви зборови Очоа опиша и други значајни настани во историјата на НАСА, како што е изборот на класата астронаути во 1978 година во која беа вклучени првите жени, афроамерикански и азискоамерикански жени, како и првиот лет на Сели Рајд во 1983 година, која беше првата Американка во вселената.

- Немаше ни да помислам да аплицирам за местото во програмата на астронаутите на НАСА ако не ја видев Сели - вели Очоа. Како дипломирана физичарка и студентка на „Стенфорд“, Очоа видела доволно сличности меѓу себе и Сели.

- Тоа што имав уште неколку заеднички работи со Сели, покрај фактот дека бевме жени, мислам дека беше навистина важно за мене - вели Очоа. Тоа ја натерало да размисли: - Можеби и не е луда идеја и можеби е нешто што би можела да го направам - вели Очоа.

Таа сериозно ја шири пораката, одржувајќи повеќе од 300 говори за студенти и организации, особено оние насочени кон жените и луѓето со различна боја на кожата.

2
Фото: NASA


- Мислам дека ни се потребни најдобрите и најпаметните луѓе што работат во областа на науката и инженерството, и тоа секако не е ограничено на мажи и бели луѓе или нешто слично - вели таа.

И покрај маргиналните придобивки во последните години, жените опфаќаат помалку од една третина од сите работници во науката и инженерските занимања, според Националната фондација за наука. Дел од она што ги држи жените е недостигот на информации за овие полиња.

- Љубопитноста е веројатно една од најважните карактеристики што луѓето ги имаат кога почнуваат да се занимаваат со науката и инженерството. Мислам дека тоа се работи што навистина им се допаѓаат на девојчињата, но не се зборува на таков начин кога луѓето зборуваат за науката и инженерството - вели Очоа.

Тоа е стапица во која и таа за малку ќе паднела. Не познавала научници или инженери додека растела.

- Не ги зедов хемија и физика како предмети кога бев средно бидејќи мислев дека не сум заинтересирана и дека не знам многу ни за тоа каква кариера би можеле да ми донесат - вели таа. Почнала да работи заедно со други жени кога се вработила во НАСА. Била единствената жена од вкупно 60 истражувачи кога работела во лабораторијата за енергетика. Бројот на жени во нејзината програма за постдипломски студии во одделот за електротехника во „Стенфорд“ не бил подобар.

Иако денес во НАСА има многу поголем број жени, Очоа вели дека сè уште не сме онаму каде што треба да бидеме.

Нејзиниот совет до жените е да учествуваат во организации што поддржуваат разновидност.

- Мислам дека е корисно, ви помага да се чувствувате помалку осамени и ви дава можност да запознаете луѓе слични на вас и да споделите приказни и совети - вели таа.

- Како што гледам наназад во изминативе 30 години, со самото тоа што имам можност да придонесам за нешто поголемо од себе и нешто што носи придобивки за луѓето на Земјата, едноставно не можам да барам ништо повеќе. Ова е навистина она за што размислувам кога ќе ја погледнам мојата кариера - вели таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот