Повеќе жени, на возраст меѓу 46 и 55 години, од нив 27 отсто Албанци, работат во дејноста образование во јавниот сектор на Република Македонија. Ова е дел од годишниот извештај од Регистерот за вработени во јавниот сектор кој денеска го соопшти Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација.
- Бројот на вработи во јавниот сектор на крајот на минатата година изнесувал 139.009 – изјави Манчевски.
Профилот на вработените во јавниот сектор во дејноста образование изгледа вака: 63 отсто од вработени се жени, а 37 отсто се мажи. Најголем процент - 28 отсто од се на возраст од 46 до 55 години. Според етничка структура на вработените, 68 отсто се Македонци, 27 отсто се Албанци. Најголем дел од вработените се со високо образование – 62 отсто.
Вкрстената анализа ја правеле МИОА, Агенцијата за вработување, Министерството за финансии и Фондот за здравствено осигурување. Во јавниот сектор на Македонија има 1.299 институции. За разлика од 2016 година, бројот на вработени во администрацијата е намален за 951 вработување.
Според генералната слика, во јавниот сектор 54 проценти се жени, а 46 отсто се мажи. Според етничката припадност Македонци има 75,36 отсто, Албанци - 19,31 отсто, Турци -1,84 отсто, Роми - 1,14 отсто, Срби - 0,91 отсто, Бошњаци - 0,39 отсто. Вкупно 42,45 отсто од вработените се со високо образование, а 34,81 отсто се со средно образование.