X
 26.01.2019 Образование

СТЕМ-образованието е клуч за негување на потребниот талент

Социјалниот и економскиот развој на Кина во новата ера бараат технички талент, така што клучен поттик во образованието се полињата на науката, технологијата, инженерството и математиката, или познато како СТЕМ-образование (Science, Technology, Engineering and Mathematics), велат експертите.

Научен труд од 2017 година за СТЕМ-образованието во Кина, објавен во Националниот институт за образовни науки, откри дека во просек имало само 11 научници и инженери меѓу секои 10.000 луѓе што припаѓале на работната сила на нацијата.

Трудот покажал дека во автомобилската индустрија бројот на поискусните механичари што работат во најголемите светски автомобилски компании надвор од Кина изнесува повеќе од 40 отсто од вкупниот број на работници. Но, во Кина соодветната бројка е погубна - само 4,3 отсто.

stem
Фото: China Daily


Во индустријата за информатичка технологија во моментов има околу 10,5 милиони работници во Кина. 87 отсто припаѓаат на софтверските и хардверските професионалци, додека другите се професионалци за телекомуникации.

Дури и меѓу нив мнозинството биле професионалци од средно до ниско ниво. Постои недостиг на високи техничари, со што се ограничува обемот на проширување на индустријата и нејзино севкупно подобрување.

Ванг Су, директор на Центарот за едукација за СТЕМ, вели дека ова образование има големо внимание во светот како национална стратегија за развој на таленти.

- Кина се стреми да изгради иновативна земја. Негувањето на талентите е клуч за нашиот голем план. Негувањето на талентите зависи од образованието, па затоа СТЕМ-образованието има големо значење за Кина - вели тој.

Во 2016 година владата издала упатство за националната стратегија за развој на иновации, наведувајќи дека до 2020 година Кина треба да стане иновативна земја; до 2030 година треба да биде во првите редови на иновативните земји, а до 2050 година треба да стане технолошки иновативна сила.

-Сите овие стратегии бараат поддршка на талентот. Судејќи од сегашната ситуација во Кина, недостигот на иновативни и квалификувани таленти влијае врз економската трансформација. До 2025 година во некои важни области на идниот развој јазот меѓу талентите е многу голем - вели Ванг.

Многу меѓународни претпријатија ја признаа ситуацијата и презедоа чекори за да го негуваат СТЕМ-талентот. На пример, меѓународниот технолошки гигант Ај-би-ем лансира образовна програма во Кина, во која учествувале 200 вработени како волонтери обучувачи, за да ги предаваат СТЕМ-лекциите во основните и средните училишта во Кина.

Сите курсеви се развиени од Ај-би-ем. Има осум класа, а секоја сесија трае по 45 минути. Врз основа на карактеристиките на кинеските студенти, постојат многу интеракции во текот на часовите, како што се мали експерименти, играње улоги. На овој начин, апстрактните концепти може да бидат подобро прифатени и сфатени.

- Негувањето на талентите за наука и технологија е итна потреба. Како корпоративен граѓанин со силно чувство за општествена одговорност, Ај-би-ем секогаш го смета образованието за најважна област, па затоа и ја започнавме програмата - вели Лин Џиангтанг, директор на Ај-би-ем.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование