X
 02.04.2018 Живот

Кинеската вселенска станица се урна на „посакувано“ место!

kineska
Фото: Getty

Кинеската вселенска лабораторија ,„Тијангонг-1“ изгоре ноќеска при враќањето во Земјината атмосфера над Јужниот Пацифик, соопштија кинеските власти.

Експерименталната вселенска лабораторија, која беше во дефект, влезе во атмосферата околу 8:15 часот според локално време во Пекинг (2:15 по централноевропско време), соопшти Кинеската агенција за планирање летови со екипаж (ЦМСЕО).

Леталото, кое од 2016 година леташе неконтролирано, повторно влезе во атмосферата порано од планираното. Претходно кинеската агенција најави дека го очекува неговото враќање на Земјата околу 2:42 часот по централноевропско време, што би значело дека наместо над Јужен Пацифик, леталото би било над Сао Пауло. Научниците што ја следеа деградацијата на леталото во орбитата предвидоа дека ќе согори и ќе претставува минимален ризик за луѓето. Анализата од кинескиот Вселенски контролен центар покажала дека тоа и се случило – леталото главно изгорело.

Астрофизичарот Такер од австралискиот Национален универзитет истакна дека враќањето на „Тијангонг-1“ било „главно успешно“.

„Можеше да биде подобро, се разбира, сепак леталото паѓаше, но падот во Јужниот Пацифик приближно беше местото кое беше најпосакувано за тоа“, истакна тој.
Лабораторијата беше поставена во орбитата во  2011 година. Леталото требало контролирано да се врати во атмосферата на Земјата, но во 2016 година се појавил дефект во неговото функционирање, што предизвикало загриженост околу можен пад на Земјата.

Меѓутоа, ризикот некој човек да биде погоден со некој дел потежок од 200 грама изнесувал еден спрема 700 милиони, наведе кинеската служба за планирање летови со човечки екипаж – ЦМСЕО.

„Тијангонг-1“ или „Небесен двор“ се користел за медицински експерименти како лабораторија и се сметал за прв чекор при градењето на една поголема вселенска станица.

Огромната топлина поради триењето при летањето со брзина од повеќе од 20.000 километри на час доведува до целосно горење на главната структура или експлозија, и тоа веќе на 80 километри над површината на Земјата, соопшти претходно Европската вселенска агенција – ЕСА. Тие најавија дека повеќето фрагменти ќе се распрснат низ воздухот, а само мал број ќе паѓаат релативно бавно пред да паднат на површината на Земјата, и дека најверојатно ќе завршат во море, со оглед на тоа што морињата и океаните заземаат над 70 проценти од површината на Земјата.

Станицата „Тијангонг–1“, која имаше величина колку еден автобус и тежина од 8,5 тони, по големина е дури 50. предмет што неконтролирано се вратил на Земјата од 1957 година, истакна Џонатан Мекдауел, астроном од Астрофизичкиот центар „Харвард-Смитсонијан“ од САД.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот