Магазинот
The Guardian пишува дека една година пред да стане премиер, Черчил напишал есеј на 11 страници во кој полемизира за вонземјани. Есејот од непознати причини останал кај издавачот, но неодамна се појавил во Националниот музеј на Черчил во САД во Мисури.
Фото: Wikipedia
Во есејот тој ги разгледува условите кои се потребни за светот да биде населен и земајќи ги предвид огромниот број ѕвезди и планети кои ги опкружуваат, тој смета дека не сме сами во вселената.
Тимоти Рајли, директорот на музејот изјавил дека уште првиот пат кога го видел есејот знаел дека ќе биде интересен за читање затоа што Черчил бил многу заинтересиран за науката и технолошкиот напредок. Истовремено тој се надева дека есејот што побргу ќе биде достапен за јавноста.
Есејот е пронајден случајно во кутија во музејот и открива многу за наклонетоста на Черчил кон науката. Марио Ливио, астрофизичар и автор на книгата “Why? What makes us curious” вели дека е импресивно како човек како него имал време да седне и да напише есеј за потполно научна тема. Тој е воедно импресиониран од неговата логика, текот на мислите, и како го оцртува точно она што го мислиме денес кога размислуваме за можност за живот на друга планета.
Што содржи есејот?
Тој почнува со неговата дефиниција за живот, а она што е најважно според него е да „дишиме и да се размножуваме“. Потоа продолжува за потребата за вода и вели дека животот може да опстои само „меѓу неколку степени замрзната и вода што врие“.
„Не сум доволно егоистичен да мислам дека моето Сонце е единственото кое има семејство на планети“. За ова бил во право. Денес се познати илјадници планети надвор од Сончевиот систем.
„Јас не сум така безгранично импресиониран од успехот на нашата цивилизација за да бидам спремен да мислам дека ние сме единствена точка во оваа бескрајна вселена која содржи живи, мисловни суштества, или дека сме највисок облик на ментален и физички развој кој некогаш се појавил во широкиот спектар на просторот и времето“.
На јавноста и преостанува да чека целиот есеј да биде објавен, што со сигурност ќе биде од големо значење.