Минатиот јануари Кинеската академија на науките го покани Лиу Циксин, истакнат кинески писател на научна фантастика, да го посети модерниот радиоцентар во Југозападна Кина. Речиси двапати поголема од американската во опсерваторијата „Аресибо“ во порториканската џунгла, кинеската сателитска чинија е најголема во светот. Иако е доволно чувствителна да открие шпионски сателити дури и кога не емитуваат, нејзината првична цел е научна, па дури и малку необична. Станува збор за водечка опсерваторија на Земјата изградена да ги слушне пораките на вонземна интелигенција. Ако таков сигнал дојде од небото во наредните десет години, Кина веројатно прва ќе го слушне.
Не е изненадување што Лиу бил поканет да ја посети чинијата. Тој има водечка улога во кинеските вселенски работи, а владината вселенска агенција понекогаш бара совети од него за научните мисии. Лиу е патријарх на кинеската научна фантастика. Другите кинески писатели му додале на неговото презиме „Да“, што значи голем. Пред неколку години инженерите од академијата му испратиле илустриран напредок од изградбата на чинијата и истакнаа дека тој е инспирација за нивната работа.
Зошто бил поканет?
Од друга страна, Лиу е и необичен избор за посета на чинијата. Тој многу пишувал за ризиците од првиот контакт и предупредил дека појавата на „другите“ би можела да биде неминовна и би можела да резултира со наше изумирање.
- Можеби за 10.000 години ѕвезденото небо во кое човештвото гледа и понатаму ќе биде празно и тивко, но можеби утре ќе се пробудиме и ќе видиме вонземен вселенски брод со големина на Месечината „паркиран“ во орбитата - напишал Лиу во една од неговите книги.
Последниве години Лиу стана светски популарен. Неговиот роман, трилогијата „Трителесен проблем“, во 2015 година ја доби наградата „Хуго“, најпрестижно признание во научната фантастика. Поранешниот претседател Барак Обама изјави дека книгата на Лиу му дала космичка перспектива во текот на тешките моменти од неговиот мандат.
На крајот од второто продолжение еден од главните ликови ја истакнува основната филозофија на цела трилогија. Ниедна цивилизација не треба да го покаже своето присуство во вселената. Која било друга цивилизација што ќе дознае за нејзиното постоење ќе го сфати тоа како закана. Сите цивилизации го прават тоа, ги елиминираат конкурентите сè додека не наидат на еден кој е технолошки супериорен и потоа и самите се елиминирани. Таа мрачна космичка позиција се нарекува „теорија на темна шума“ затоа што секоја цивилизација во вселената се замислува како ловец што се крие во темната шума, чекајќи ги звуците на ривалите.
Фото: NAOC
За што се работи во неговите книги?
Трилогијата на Лиу почнува кон крајот на 60-тите години, во време на културната револуција на Мао, кога млада Кинеска испраќа порака до блискиот ѕвезден систем. Цивилизацијата што ја примила пораката тргнува во вековна мисија за инвазија на Земјата, но таа повеќе не се грижи затоа што страшните испади на Црвената гарда ги убедиле луѓето дека повеќе не заслужуваат да преживеат. На пат кон нашата планета, вонземна цивилизација ги уништува нашите честички за забрзување и го спречува нашиот напредок во воената физика, како изумот на атомската бомба, помалку од еден век по појавата на првата репетирачка пушка.
Се исмејува потрагата по вонземна интелигенција
Потрагата по вонземна интелигенција (SETI) честопати се исмејува како еден вид религиозен мистицизам, дури и во рамките на научната заедница. Пред речиси четвртина век американскиот Конгрес ја отстранил ваквата програма од буџетот. Тоа е една од причините поради кои Кина, а не САД, ја изградила првата модерна радиоопсерваторија.
Најинтригантниот научен проект потекнува од дарвинизмот
SETI во себе има нешто религиозно. Мотивирана е од длабоката човечка желба за поврзаност и трансцеденција. Се занимава со прашања за човечкото потекло, суровата креативна моќ на природата и нашата иднина во вселената. И сето тоа го прави во време кога традиционалните религии за многумина станаа неубедливи. Дарвин покажал дека развојот на интелигентен живот на планетата не е шпекулативна можност. SETI може да биде најинтригантниот научен проект што произлегол од дарвинизмот.
Дури и без федералното финансирање во САД, SETI е среде глобална ренесанса. Денешните телескопи се приближија до некогашните далечни ѕвезди, а во нивните орбити можеме да видиме планети. Следната генерација на опсерватории штотуку пристигнува и ќе можеме да зумираме во атмосферите на овие планети. Истражувачите на SETI се подготвуваа за овој момент. Тие станаа филозофи на иднината. Се обидоа да замислат какви технологии би можеле да користат напредните цивилизации и какви траги тие можат да остават во достапната вселена. Научиле како оддалеку да откријат хемиски траги од вештачки загадувачи. Знаат како да скенираат густи ѕвездени полиња во потрага по големи структури дизајнирани за заштита од ударните бранови на суперновата.
Русин вложил милиони во програмата
Рускиот милијардер Јури Милнер инвестирал сопствени 100 милиони долари во новата SETI-програма предводена од научниците од Универзитетот „Беркли“. Овој тим правел повеќе SETI-набљудувања во еден ден отколку што некогаш се правеле во цела година. Во 2016 година Милнер инвестирал дополнителни 100 милиони долари во мисија за меѓуѕвездена сонда.
Кина има најдолга традиција во астрономијата
Ниедна земска цивилизација нема подолга традиција во астрономијата од Кина. Нејзините претходни цареви ја „влечеле“ нивната политичка легитимација од небото во форма на „небесен мандат“. Пред повеќе од 3.500 години кинеските дворски астрономи ставале пиктограми од космичките случувања во желките и коските од воловите. Едни од овие „коски на пророштвата“ го носат најраниот познат запис за затемнувањето на Сонцето. Веројатно настанот се толкувал како знак за катастрофа, можеби претстојна инвазија.
Дали некогаш Кина ќе го стигне Западот?
Останува отворено прашањето дали кинеската наука некогаш ќе биде еднаква со Западот, без фундаменталната политичка определба за слободна размена на идеи. Кинескиот прогон на научниците почнал под Ма, чии идеолози ја прогласиле теоријата на Ајнштајн за „контрареволуционерна“. Но, тука не застанале. Дури и кога запреле отворените прогони, кинескиот „голем огнен ѕид“ ги спречувал нејзините научници да имаат пристап до податоци објавени во странство.
Кина на потешкиот начин научила дека спектакуларните научни достигнувања придонесуваат за престиж на нацијата. Таа отстрана гледаше како Русија ги испрати првите сателити и првите луѓе во вселената, а потоа како американските астронаути го ставаат нивното знаме на површината на Месечината.
Кина првенствено се фокусирала на применетите науки. Го создала најбрзиот суперкомпјутер во светот, инвестирала во медицински истражувања и засадила „голем зелен ѕид“ од шуми на северозапад во последниот обид да се спречи ширењето на пустината Гоби. Сега, Кина ги насочува своите ресурси кон фундаменталните науки. Планот на Кина е да изгради акцелератор на честички многу поголем од оној на ЦЕРН.
Каков би бил првиот контакт?
Првиот контакт би можел да биде покомплициран ако наидеме на постбиолошка вештачка интелигенција што ја презела контролата врз својата планета. Можеби не би чувствувала емпатија, што не е клучна карактеристика на интелигенцијата, туку емоција инсталирана со одредена еволуциска историја и култура.
Според Лиу, првиот контакт може да доведе до конфликти меѓу луѓето, ако не и светска војна. Дури и ако не се случи никаков геополитички конфликт, луѓето сигурно би доживеале радикална културна трансформација бидејќи секој систем на верување би морал да се соочи со фактот за првиот
контакт.