Светот не е подготвен за можен контакт со вонземјани. Затоа, група експерти работат на протокол за контакт со вонземјани, првпат во последните 35 години.
Групата ја сочинуваат експерти за право и научници, кои ќе направат протоколи кои треба да се следат доколку дојде до контакт со вонземен живот.
Според Џон Елиот, компјутерски научник на Универзитетот во Сент Ендрус, Шкотска, експертите нема да размислуваат за можното влијание на вонземен живот врз нашата планета, туку ќе одат чекор напред и ќе се фокусираат на реакцијата на ваквата ситуација.
Единствениот протокол за контакт со вонземјани досега бил составен од институтот за потрага по вонземна интелигенција СЕТИ во 1989 година. Протоколот бил ревидиран пред повеќе од една деценија. Според него, главниот совет за научниците во случај на контакт со вонземјани е да побараат насоки од Обединетите нации или друго тело.
Во последниве децении идејата за наоѓање живот на друга планета станува актуелна поради повеќе научни достигнувања, како наоѓањето траги од вода на Марс и егзопланети слични на Земјата.
Извор:
Live science
Насловна фотографија: Pixabay