X
 22.03.2022 Живот

Американската разузнавачка агенција има план како да комуницира со вонземјани

Американската агенција за национална безбедност позната по својот акроним НСА (англ. National Security Agency) е една од најтајните разузнавачки организации во светот. Долго време не смеело да се знае ниту дека постои, па првите години на шега ја нарекувале „Нема таква агенција“ (англ. No Such Agency).

НСА се занимава со рутинско разузнавање, шпионажа и прислушување, собирање податоци и други тајни активности. Но, според неодамна декласифицираниот документ, експертите на НСА, исто така, размислуваат за тоа како луѓето можат ефективно да комуницираат со вонземјаните и како вонземната интелигентна цивилизација би можела да се обиде да контактира со нас.

„Не сме сами во вселената“

Споменатиот документ чиј наслов е „Комуникација со вонземна интелигенција“ неодамна стана јавно достапен на веб-страницата на НСА. Документот почнува со директна изјава: „Не сме сами во вселената“, поддржана од пресметката на радиоастрономот Бернард Ловел. Тој пресметал дека само во нашата галаксија има најмалку 100 милиони ѕвезди околу кои има планети со поволна хемија, големина и температура кои можат да ја стимулираат органската еволуција - и оваа процена е минимална, дури и со стапка на грешка од 5.000 отсто.

Ако се земе предвид дека нашата галаксија е само една од најмалку милијарда во видливиот универзум, бројот на можни места за потеклото на животот е астрономски. НСА потоа ги наведува и равенката на Френк Дрејк и парадоксот на Енрико Ферми сублимиран во прашањето „Каде се сите?“ Земајќи го предвид сето она што го знаеме за универзумот, излегува дека сигурно не сме сами во него, а потоа преминуваме на анализа на можниот контакт со друга интелигентна цивилизација.

Анализата била направена во 1975 година


Доколку „тие“ се обидат да контактираат со нас, веројатно ќе ни испратат сигнали кои лесно се разликуваат од другите космички радиошумови. Тие би можеле да испраќаат сигнали во серии поврзани со природни или прости броеви, а може да користат и математички концепти, геометриски форми или некои слични симболи. Веројатно по ова би следувале „часови по јазик“, т.е. инструкции за тоа како да се дешифрира нивниот, очекувано супериорен, начин на комуникација.


1
Хипотетичка порака што би можеле да ја добиеме од вселената

НСА, исто така, се согласува со научниците од 60-тите години кои се обиделе да „слушаат“ вонземни сигнали на фреквенција од слободни атоми на водород (1420,405752 MHz) со бранова должина од 21 см, кои можат да поминат низ атмосферата на Земјата. Се претпоставува дека значењето на оваа фреквенција би им било познато на напредните интелигентни суштества, како што ни е и нам, како и дека тие би можеле да се обидат да го искористат за меѓусебно разбирање.

Како обид за слична радиокомуникација од правец на Земјата кон вселената, во овој документ се споменува и испраќање порака од телескопот „Аресибо“. Во текстот се вели дека е испратен „минатата година“, што ја сместува оваа анализа на НСА во 1975 година. Доколку некој добие порака од „Аресибо“ во ѕвезденото јато М13 и веднаш одговори на неа, можеме да очекуваме одговор за 48.000 години (ден или два повеќе или помалку, на шега пишуваат експертите на НСА).


2
Радиотелескопот „Аресибо“ во 1974 година

Како главни кандидати за изворот на можните пораки и локацијата на интелигентниот живот НСА ги истакнува ѕвездите Епсилон Еридани и Тау Цети, на околу 11 светлосни години од Земјата. Алфа Кентаур е оддалечена „само“ 4,3 светлосни години, но е опкружена со планети кои се премногу млади за да бидат дом на напредна цивилизација.

Извор: Bug.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот