Постојат многу уметници што сметаат дека нивната работа би се подобрила доколку имаат подобри материјали и дека најдобрите марки на алатки ќе им дадат најдобри резултати. Но, 26-годишниот Мулало Него Негондени од селото Мукула во провинцијата Лимпопо, Јужноафриканска Република, е доказ дека може да се создаде неверојатна уметност дури и од наједноставни материјали.
„Негосити“ е неговиот 12-годишен проект кој опфаќа мини-град во дворот на неговите родители, направен од рециклирани материјали.
- Кога првпат го видов стадионот на Светскиот куп на ФИФА во 2010 година, на кој се одржа церемонијата за отворањето и затворањето, ми се допадна дизајнот и сакав да го видам стадионот во живо, а и да присуствувам на еден од натпреварите на стадионот, но моето семејство не можеше да си дозволи да ми купи билет. Бидејќи сакав да го видам стадионот, почнав да го градам од кал во 2008 година, гледајќи го дизајнот од телевизија и од весници - вели Негондени.
Со текот на времето и по предлог на неговата мајка, Негондени почнал да ја подобрува својата реплика на стадионот. Тој направил постабилна структура со употреба на цемент измешан со отпадни материјали и подоцна го изградил стадионот од жици, пластика, ткаенини и друго. Оваа нова верзија била толку голема, што уметникот буквално можел да седне внатре. Токму ова било почетокот на „Негосити“.
Големиот стадион бил инспирација за цел град, кој наскоро зафатил поголем дел од задниот двор со сите впечатливи структури на Јоханесбург. Негондени вели дека на почетокот сите мислеле дека неговиот проект е премногу амбициозен, но сега откако го видоа неговото дело, сите се горди на тоа што го постигна.
Но, не се импресионирани само пријателите и семејството. Негондени вели дека и директорот на „Орвал корпорет дизајнс“ од Гаутенг, Јужноафриканска Република, го контактирал откако го видел „Негосити“.
Сега, Негондени дизајнира архитектонски дела од многу поголем обем. Приказната ја слушна и директорот на големиот стадион, па ја исполни 12-годишната желба на Негондони. Уметникот и неговото семејство беа поканети да прошетаат низ стадионот и да гледаат натпревар во живо.
Иако просторот во задниот двор е речиси целосно исполнет со шарени структури од рециклирани материјали, овој уметник има големи надежи за иднината.
- Сакам да изградам импресивен музеј за фудбал во Јужноафриканската Република. Би се викал „Меморијален музеј-парк на Светскиот куп ФИФА 2010“. Ова би го направиле јас и некои од најголемите уметници од Африка. Мојата цел е да го зачувам наследството од 2010 година секогаш да живее и да создадам работни места за уметниците, оспособувајќи ги да продолжат да работат на нивната уметност и да имаат поголема изложеност на меѓународно ниво - вели тој.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото: Linkedin