X
 02.12.2021 Живот

Потрошил 260.000 долари за да изгради реплика на Таџ Махал за неговата сопруга

Еден човек од Индија вложил голем напор за да ја покаже својата љубов кон сопругата - ѝ изградил реплика на славниот Таџ Махал.

Ананд Пракаш Чукси, бизнисмен во централната индиска држава Мадја Прадеш, потрошил 200 милиони рупии (околу 266.000 долари) за да изгради реплика на „Споменикот на љубовта“, комплетиран со недопрени мермерни столбови.

Оригиналниот Таџ Махал, кој се наоѓа во Агра, јужно од Делхи, бил изграден од царот Шах Јахан во 17 век како мавзолеј за неговата сакана сопруга Мумтаз. Познато е како едно од седумте светски чуда и писателот Рабиндранат Тагоре го опишал како „капка на образот на времето“.

Чукси ја посветил репликата на неговата сè уште жива сопруга, 27 години помладата Манјуша.

Тој рече дека неговата реплика е околу една третина од големината на оригиналниот Таџ Махал и е изградена од истиот мермер што се користел за правење на Таџ Махал.

- Единственото барање на мојата сопруга беше соба за медитација. Таа е духовна жена и вели дека куполата создава поинаква средина и има многу позитивна енергија - изјави Чукси.

Како што вели Чукси, внатрешноста на репликата се состои од две спални соби, со библиотека и соба за медитација. Тој ја конструирал откако неколку пати патувал во Агра за подобро да го погледне Таџ Махал, па внатрешноста на репликата ја изградил врз основа на неговите белешки.

- Исто така, користевме многу 3Д-слики од Таџ Махал на интернет за да направиме свои - рече Чукси.

Репликата, која се наоѓа на имотот на Чукси, е отворена за посета.

- Многу луѓе почнаа да ја користат за свадбени видеа. Не ги спречувам затоа што ние сме тесно поврзана заедница каде што сите се познаваме. Значи, мојата куќа е отворена за сите. Денес има многу омраза во нашата земја. Луѓето се делат во името на религијата и кастата. А оваа куќа за мене е симбол на љубовта која ги надминува нашите социјални разлики и политичката врева - вели Чукси.

Извор: Insider.com
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот