X
 18.03.2020 Економија

Нови економски мерки на Владата: Бескаматни кредити за компаниите, помош за исплата на плати

Бескаматни кредити за компаниите што се погодени од кризата со коронавирусот, субвенции за исплата на плати се само дел од мерките за помош на стопанството кои ги презентира вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска. На прес-конференцијата се обратија и министерот за економија Крешник Бектеши, министерката за финансии Нина Ангеловска и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Царовска истакна дека сме исправени пред еден од најголемите предизвици и мора да направиме сè што можеме за да го заштитиме јавното здравје. Таа посочи дека македонската економија нема да остане имуна на кризата.

Првата мерка е директна финансиска поддршка за ликвидност на микро, мали и средни претпријатија од страна на развојната банка.

- Обезбедени се 5,7 милиони евра со кои ќе се кредитираат директно компании поради неликвидност, односно компании чија економска активност е директно погодена од коронавирусот. Кредитите се дизајнирани со големо внимание водејќи се од тоа да може да се поддржат што поголем број компании. Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, ќе може да добие од 3 до 30 илјади евра кредит. Оние до 10 вработени ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании од 10 до 50 вработени - кредит од 10 до 15 илјади евра, средните компании од 50 до 250 вработени ќе може да земат кредит од 15 до 30 илјади евра. Овие кредити за бескаматни, грејс-период на отплата е 6 месеци, а период на отплата 24 месеци. Администрирањето на кредитите исто така ќе биде бесплатно - рече Царовска.

Втората мерка се однесува за помош на компаниите во исплата на плати. Царовска рече дека целта е да се задржи секое работно место.
- Ќе се субвенционираат придонесите за вработените од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании од мерките на Владата за месец април, мај, јуни со цел да субвенционираме придонеси по вработен во висина од 50 проценти од придонесите за исплатена просечна плата во 2019 година. Услов е компанијата да не го намали бројот на вработени од месец февруари 2020 година, компанијата да не исплатила дивиденда во 2020 година и компанијата да нема исплатено награди и бонуси по влегување во сила на мерките. Само компаниите што ќе имаат добивка како финансиски резултат од работењето во 2020 година ќе вратат субвенции за придонес во износ од 50 проценти од добивката при оданочување.

Владата им препорача на фабриките во кои работат голем број луѓе да ја реорганизираат својата работа во смени и да ги дезинфицираат просториите по завршувањето на секоја смена.

Трговската размена нема да престане со ниту една земја. Товарните камиони и лица ќе влегуваат во Македонија со посебни дозволи и заштита и по протокол подготвен од Министерството за здравство.

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, истакна дека макроекономската состојба е стабилна во услови на ниски инфлациски движења. Девизните резерви се на високо ниво, околу 3 милијарди евра.
Додаде дека се донесени неколку мерки.

- Мерка за ставање во функција на инструмент за секторска поддршка. Значи дека сите нови кредити одобрени на погодени сектори и реструктурираните кредити ќе биде одбивна ставка. Ослободување на ликвидност на банките во кредитирањето. Одложување на примената на мерката за управување со ризици за да оставиме простор банките да бидат свртени кон бизнисот – рече Бежовска.

Таа информира дека се работи и на мерка со која потаргетирано ќе се влијае врз одредени сектори за олеснување на реструктурирање на кредитите, одново склучување како намалување на ставката. Одлуката се разгледува со банкарскиот систем.

Министерката за финансии Нина Ангеловска изјави дека буџетот во моментот е стабилен, но тоа во услови на намалена економска активност ќе се смени многу брзо.
- Фискалниот простор кој го имаме е ограничен и треба внимателно да управуваме со него. Буџетот на Министерството за здравство има простор успешно да одговори на здравствената криза.

Повикувајќи се на предвидувањата на меѓународните институции, рече дека најголемиот шок за економијата се очекува во вториот квартал од годината, а веќе од третиот квартал начелно се очекуваат некакви подобрувања.


Истакна дека како министерка за финансии, се откажува од платата додека траат кризните мерки.

Министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес конференција истакна дека на седница на Владата ќе предложат одлука за забрана на извоз на брашно кон други земји.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија