Претседателот Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба во Македонија. Вонредната состојба ќе трае 30 дена.
- Фактот што за првпат од нашата независност прогласуваме вонредна состојба укажува колку е сложена ситуацијата во која се наоѓаме и колку е голем ризикот за сите нас. Од денес извршната власт ќе има зголемени надлежности и ќе може да ги користи сите ресури на државата, повторувам сите. Во вонредна состојба Владата ќе може да носи уредби со законска сила со цел да воведе поголеми ограничувања во движењето на луѓето и особено да обезбеди поголеми средства за економијата која влегува во исклучително кризен период – рече Пендаровски.
Претседателот истакна дека како држава и граѓани не очекуваат тешки денови, но дека како претседател нема никакви дилеми во исправноста на одлуките кои ги носи.
- Очкувам дека и Владата која во следниот период ќе ја има најголемата одговорност ќе биде на висина на задачата.
Пендаровски ги повика граѓаните да ги почитуваат мерките, да останат дома, а оние што се затекнати во други земји да останат таму, бидејќи е ризично да се патува.
Претходно премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција изјави дека вонредната состојба не значи автоматски воведување рестрикции на слободите и движењето на граѓаните.
- Доколку дојде до нови рестрикции и мерки, тие одлуки ќе се носат на дневно ниво, како и до сега, за што граѓаните редовно ќе ги информираме - изјави Спасовски.
Тој објасни дека вонредната состојба и дава можности на Владата и се создаваат услови за брзо и ефикасно спроведување на мерките за превенција и заштита на здравствената состојба на граѓаните. За заштита и одбрана на нашето општество, на нашата економија, порача Спасовски.
Тој нагласи дека само со вонредна состојба Владата ќе може да дејствува непречено во борбата со коронавирусот.
– Само со вонредна состојба Владата ќе може да спроведува мерки за спас на економијата и за помош на погодените граѓани и компании- рече Спасовски.