X
 26.10.2018 Наша тема

Пред 20 години имавме паралелки и со 48 средношколци, па пак постигнуваа подобри резултати од денес

Генерално, децата се преоптоварени со учење, со премногу часови. И во основно и во средно образование. По 30 часа неделно (од 29 до 32, во зависност од годината), плус дополнителна или додатна настава, плус проекти од активности кои им земаат дополнителен дел од слободното време, вели наставничка по македонски јазик во средно училиште во Скопје.


Пред нецели 20 години имавме паралелки со дури 48 ученици. Денес бројката се движи околу 30, а во стручните паралелки има и двојно помалку средношколци. Сепак, идеалната бројка за работа е меѓу 15 и 20 ученици во одделение, вели наставничка по македонски јазик во средно училиште во Скопје.

Бројката не е секогаш пресудна за квалитетна настава

„Евростат“ деновиве ја објави листата на просечниот сооднос, колку ученици има еден наставник во класот? Листата е креирана за средното образование. Статистиката вели дека најмногу ученици на наставник има во Холандија (17,9), а најмалку во Литванија (7,7). Македонија е на просекот на Европската Унија, а приближно со состојбата во Бугарија.

Нашата соговорничка е дел од образовниот процес долго време.
- Пред воениот конфликт паралелките беа многу побројни, по 40 дури до 48 деца имаше во македонските паралелки во училиштето „Зеф Љуш Марку“. Тоа беше пред нецели 20 години. Меѓутоа, и тогаш многу повеќе сме совладувале од денес. Бројката не е секогаш пресудна за квалитетна настава и успешно совладување на материјалот – децидна е таа.

Денес предава во различни паралелки, има и со 25 и со 32 ученици. Сепак, идеалната бројка е меѓу 15 и 20.
- Тогаш концентрацијата на децата во секое време е насочена кон материјалот што се совладува, има простор секој ученик да биде во интеракција, нема време психички да биде отсутен, има доволно простор во училницата. Има простор да се развива дискусија, да се градат теза и антитеза, да научат децата да размислуваат, да градат сопствени ставови. Денес од нив бараме само репетитивност - да го повторат тоа што им е сервирано како материјал, да добијат оценка за тоа и тука завршува сè – вели таа.

Децата се преоптоварени со учење, со премногу часови

Според неа, одењето во училиште е комплексен воспитно-образовен процес. Во основно се учи воспитание и образование, но повеќе внимание треба да му се посвети на воспитанието бидејќи децата се помали. Веќе во погорните одделенија, особено во средно, треба да се зголеми акцентот на образованието. Но, тогаш учениците се во специфичен период, па ако не е доволно совладан воспитниот процес, во времето на пубертет тоа излегува на површина. Оттука децата треба да бидат подготвени да продолжат со животот – или да работат или да студираат.

- Генерално, децата се преоптоварени со учење, со премногу часови. И во основно и во средно образование. По 30 часа неделно (од 29 до 32, во зависност од годината), плус дополнителна или додатна настава, плус проекти од активности, кои им земаат дополнителен дел од слободното време. Особено кога се втора смена, во 6 часот попладне, кога веќе е стемнето. Како да функционираат кога се уморни, поспани се. И да станат во 11 часот, човекот е создаден преку ден на функционира, навечер да се одмора. И наместо да се прават реформи на ова поле, им додаваат дополнителни часови. Децата се супер, ние возрасните треба да размислиме што правиме – вели таа.

Според „Евростат“, во ЕУ во 2016 година имало околу 1,8 милион наставници во средните училишта. Во сите земји учениците влегуваат во фаза на средно образование помеѓу 14 и 16 години.
- Програмите се дизајнирани за да го комплетираат средното образование во подготовките за високото образование или да ги обезбедат потребните вештини за вработување, или двете заедно - велат од „Евростат“.
Низ ЕУ просечната бројка на ученици на еден наставник во повисоките класови на средно образование во 2016 година изнесувало 12, иако варира во секоја земја поединечно. Највисока бројност во однос ученици-наставник има во Холандија 17,9, па следуваат Финска (17,2) и Велика Британија (16,5). За споредба, најниска бројка во овој однос има во Литванија (7,7), Малта (8,3) и Луксембург (9,0).

Бројките што ги објави „Евростат“

Соодносот е добиен со пресметка на бројот на наставници со полно работно време и на ученици кои се редовно запишани во средните училишта. Не се земени предвид помали или специјализирани класови.

Според Државниот завод за статистика на Република Македонија, во учебната 2016/217 година имало вкупно 7.420 наставници во редовните средни училишта. Тие предавале во вкупно 132 училишта, а учеле 76.394 ученици. Според ова, соодносот кај нас би бил 10,3 ученици на еден наставник.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема