X
 01.09.2017 Образование

Како првачињата полесно да го прифатат училиштето

Првиот училиштен ден и поаѓањето во школо да е позитивна возбуда, а не нервоза за семејството и за децата. Децата, советуваат психолозите, треба психички да се подготват за тоа дека ги очекува нов, убав период во животот и дека училиштето носи нови позитивни предизвици.


 - Децата навреме треба да се подготват дека следува нов, убав период во животот, во кој ќе има предизвици. Децата сакаат новини. Тие ја забележуваат перцепцијата на родителите. Затоа родителите на првиот училиштен ден треба да се „сега и овде“. Нема зошто дента да мислат што се треба да се купи и што ги очекува, убаво е да се емоционална поддршка на детето кое е возбудено, радосно и има трема – вели Мирослав Пендароски, психолог, психотерапевт и професор по психологија на МИТ-универзитетот.


Зборувајте за чувствата!

Првиот училиштен ден речиси секогаш е проследен со силни емоции, и кај децата и кај родителите. - Можеби за степен стресот е повеќе присутен кај родителите кои своите деца за прв пат ги испраќаат во школо. Во секој случај станува збор за позитивен стрес и како таков е добро и нормално да постои. Детето во семејството преминува од фаза на предшколско дете во нова развојна фаза - школско дете. Со оглед на тоа што секоја фаза си носи свои задачи, очекувани настани но и можни кризи стресот во периодот пред започнување на школото е повеќе од оправдан и нормален – вели Марија Кукуноска, психолог и семеен системски советник. Позитивниот стрес, објаснува таа, кога е присутен е двигател на нештата, па во таа насока и би требало и да се искористи. Она што би било многу корисно за родителите е отворено да зборуваат со своите деца за своите чувства, за тоа зошто се присутни во моментот и како тие се справуваат со нив.

- Детето многу подобро ќе се чувствува кога неговата мајка ќе му објасни дека пуштила неколку солзи бидејќи е среќна и горда на него затоа што тргнува во школо, отколку кога би ја гледало од страна прашувајќи се дали тоа е од тага или среќа, бидејќи за дете солза значи тага – објаснува Кукуноска.

Таа посочува дека е добро да се даде позитивна, афирмативна конотација на стравот, кој е нормално да биде присутен кога влегуваме во ново, непознато поглавје. Некогаш за оној кој чувствува страв може едноставно да кажеме дека можеби само е претпазлив за она што следува, а е непознато за него. - На овој начин би му помогнале на детето за да не секогаш дава негативен контекст на една особина, особено што влегува во период во кој започнуваат поинтензивни контакти со врсниците – вели Кукуноска.

Многу промени


Родителите, советува, треба да покажат трпение, флексибилност, упорност и доследност во односот со детето, бидејќи со тргнување во училиште кај него настануваат низа промени, кои пак за нив понекогаш доаѓаат пребрзо и одеднаш.

- Во овој период очекувано е детето да воспостави повеќе конкакти кон надвор, да поминува повеќе време со своите врсници, да го организира своето време во склад со училишните задачи. Така со реорганизација на времето на детето се реорганизира целиот семеен систем. Колку побрзо и поефективно се организира семејството околу новонастанатата ситуација заради влегување во нова развојна фаза и одговори на предизвиците и задачите кои ги носи таа, толку подобро и полесно ќе биде функционирањето за сите членови на семејството – објаснува нашата соговорничка.

Кога да се побара помош?

Ако родителите забележат дека дека децата имаат потешкотии во надминување на развојните задачи треба да побараат психолошка помош или психолошко советување. - Многу е битно да постои свест и информираност дека развојно може да се јават најразлични типови на кризи за чие надминување најчесто е потребно да биде вклучено цело семејство – вели Кукуноска. Семејство со дете кое оди на училиште може да се соочува со училишни проблеми, школски неуспех, недисциплина, школска фобија, емоционална незрелост, но и проблеми во комуникација меѓу родителите, неуедначен воспитен процес. - Би сакала да напоменам дека кај нас веќе се развиваат и постојат програми кои ги подготуваат родителите и децата за на школо, за тоа што се следува во оваа развојна фаза, кои се предизвиците, задачите но и можните кризи – додава нашата соговорничка.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование