Една од водечките бел-канто опери во светската оперска литература - „Лучија од Ламермур“ ќе се одржи вечерва на сцената на Националната опера и балет (НОБ) со почеток во 20 часот. Ова е втора изведба месецов на операта „Лучија од Ламермур“ од големиот италијански композитор Гаетано Доницети.
Во оперската претстава ќе настапат нашата првенка Ана Дурловски во насловната улога, баритонот Марјан Јованоски во улогата на Енрико, додека во улогата на Едгардо ќе настапи Благој Нацоски. Во улогата на Рајмондо ќе биде гостинот од Италија, Алесандро Абис, во улогата на Артуро – Никола Стојчевски, а во улогите на Ализа и Нормано ќе настапат Марика Поповиќ и Јане Дунимаглоски.
Диригент е Иван Еминовиќ, режисер и сценограф е Лев Пулиезе од Италија, а костимограф Марија Пупучевска, концерт-мајстор Верица Ламбевска, хор-мајстор Ѓурѓица Дашиќ. Операта премиерно е изведена на 26 септември 1835 година во Театро Сан Карло во Неапол и станува збор за трагична опера напишана во два чина.