X
 18.03.2024 Наука

Откриена непозната планета со океани чија вода врие

Една планета, поточно егзопланета, оддалечена само 70 светлосни години од Земјата, неодамна им го привлекла вниманието на научниците. Група астрономи ја откриле користејќи податоци добиени од вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“.

Научниците велат дека планетата може да биде зовриен океански свет доволно жежок за во нејзините води да може да се готви. И поради нејзиниот гасовит состав, планетата е опишана како „помал Нептун“, иако не е сосема јасно дали навистина личи на Нептун.

Откривањето на новата планета, која истражувачите ја нарекле „TOI-270 d“, е детално опишано во трудот објавен во списанието„Астрономија и астрофизика“. Таа е една од трите егзопланети во системот „TOI-270“ што орбитира околу џуџеста ѕвезда.

Она што го разликува новооткриениот свет од другите егзопланети е хемискиот состав на  атмосферата. Астрономите известуваат дека го покажува она што се нарекува „хикеански свет“ („hycean“ – кованица од англиските зборови „водород“ и „океан“), што значи дека оваа егзопланета има голем океан и атмосфера исклучително богата со водород.

Научниците, врз основа на детална анализа на други податоци добиени од телескопот „Џејмс Веб“, исто така, веруваат дека океаните на оваа егзопланета се доволно топли, па нивната вода може да врие, односно да достигне температура до 100 Целзиусови степени (212 Фаренхајт).

Сепак, не се согласуваат сите за состојбата на овој „зовриен“ океански свет. Некои астрономи веруваат дека податоците собрани од телескопот покажуваат многу поинаков состав на планетата. Односно, наместо да биде жешка и полна со океани, некои веруваат дека планетата има карпеста површина и дека е покриена со исклучително густа атмосфера од водород и исклучително топла пареа.

Без разлика кој во која претпоставка верува, двете толкувања им даваат на научниците многу интересна планета за понатамошно проучување. Можеби ќе биде неопходно да се испратат сонди до егзопланетата за целосно да ја истражат, но астрономите сè уште не се во позиција да го сторат тоа.

Извор: 6yka

Фото:Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука