По Лудвигсбург, Љубљана и Лондон, проектот со музика од Македонија, насловен „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите ќе биде претставен и на турнеја пред полската публика. Серијата концерти ќе започне во Варшава на 20 мај, Шќеќин - на 22 мај, два дена подоцна во Гдањск и на 25 мај во Катовице.
Тимот на „Македонисимо“: Нушев, Мамудов, Шахов, Трпчески, Краповски и Сомов
Концертот во полската престолнина, што ќе се одржи во Кралскиот замок, е по иницијатива и со поддршка од македонската амбасада во Полска и вршителот на работи амбасадор, Горица Атанасова - Ѓоревска. Со настанот ќе се одбележат и 25 години од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу двете земји. Концертот е и дел од циклусот „100 години независност на Кралскиот замок“, со кој чествува и еден век од обновувањето на полската независност.
Во „Македонисимо“ - новата димензија на македонската музика низ музичката обработка на нашиот композитор Панде Шахов, освен Трпчески настапуваат и: Александар Краповски на виолина (работи во Операта во Барселона), Александар Сомов од Бугарија на виолончело (водач на челисти во Стразбуршката филхармонија, Франција), потоа на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов од Штип (кој живее и работи во Виена), а зад удиралките Влатко Нушев од оркестарот на Македонската опера и балет. Гостин на полската турнеја ќе биде и нашиот истакнат кларинетист Ристо Ѓоревски.
Во јуни следи и француската премиера на „Македонисимо“ на Пијано фестивалот во Лил.