Радост на лицата на музичарите на сцена, радост во очите на публиката, барем на тие што беа дојдени за да уживаат во врвно музичко доживување. 21 мај ќе биде датум за паметење во 73-годишното постоење на Македонската филхармонија. Многу генерации не дочекаа, но на најсреќните од актуелниот состав на симфонискиот оркестар им се исполни желбата да добијат свој дом, место каде што музиката ќе го добие својот величествен облик, каде што звукот ќе биде беспрекорен и доживувањето исто такво.
Фото: МИА
А, кој ќе беше подобар избор од маестралниот Симон Трпчески на отворањето на новата зграда? Секогаш добредојден пред македонската публика, Трпчески видно возбуден што настапува во нова сала во својата земја, маестрално нè поведе низ Концертот за пијано и оркестар бр.3 во Ц-дур, оп.26 од Сергеј Прокофјев. Како награда за публиката и стоечките овации, Трпчески заедно со неколкумина музичари изведе дел од проектот „Македонисимо“, музика инспирирана од народни ора, чија премиера беше пред неколку дена во Германија.
На неговиот маестрален настап му претходеше извонредната „Суита бр.2 за симфониски оркестар од балетот „Лабин и Дојрана“ од Трајко Прокопиев - едно од најпрепознатливите музички дела некогаш создадени кај нас.
Руската диригентска легенда Владимир Ашкенази со своите 80 години и невиден шарм и жар во настапот им беше вистинска поддршка на музичарите. Тој покажа што значи врвен уметник – комуницираше едноставно со оркестарот, ги наградуваше таму каде што требаше, безмерно радосен што е во Македонија.
Како да не се избере вечниот Чајковски, овој пат со Симфонијата бр.5, кога можеби прва емоција што ве навјаснува кога го слушате е токму радоста? Филхармоничарите се надминаа во ова дело.
Фото: МИА
Настрана официјалностите, кои можеа да бидат покуси и со помалку политика, концертот за отворањето е настан за паметење зашто изведбата беше маестрална. Во публиката премногу политичари и официјални гости, а не и редовната публика што верно го поддржува оркестарот со години. Концертот на отворањето требаше да им биде посветен ним, зашто тие со децении не пропуштаа концерт и во време кога при дожд се полнеа кофи од прокиснатиот покрив на Домот на Армијата. Обичната публика требаше да биде на пиедестал, а не политичарите, кои само фрлија сенка и им го украдоа моментот на музичарите.
Згради се прават со пари на народот и работа на политичарите што владеат е да го прават тоа.
- Ние, музичарите, сме скромни по природа, но вечерва имаме право да не бидеме. Ова е наша вечер – истакна директорката на Филхармонијата, Маја Чанаќевиќ.