Многу матуранти ќе ги пропуштат церемониите за доделување дипломи, но во саботата, поранешниот претседател на САД Барак Обама ги советуваше матурантите да „го постават светот во различна насока“ за време на виртуелен говор.
Обама им се обратил на средношколците за
време на виртуелен настан за одбележување на матурата низ САД. Поранешниот претседател зборувал за дополнителните потешкотии со кои се соочуваат матурантите поради пандемијата со коронавирусот, но ги охрабри младите да останат позитивни и да „ја преземат одговорноста за сопствениот живот“.
Обама го започнал говорот со хумор, уверувајќи ги средношколците дека разочарувањето поради пропуштените церемонии за дипломирање ќе помине многу бргу. Тој се шегувал дека не е толку лошо да не мора да се седи и да се слуша цел говор и дека многу луѓе не изгледаат добро со дипломските капи, „особено ако имате големи уши како мене“.
Сепак, Обама посочил дека ваквите церемонии го претставуваат преминувањето од деца во возрасни. Ова е време кога мора да се одбере што е важно, а врз основа на моменталната состојба на светот, тоа може да застрашува, рекол тој.
Обама посочил дека моменталната ситуација со пандемијата ги донела на површина најголемите проблеми во земјата, како огромната економска нееднаквост и недостатокот на основно здравствено осигурување за оние што имаат потреба од него.
Моменталната криза може да биде разочарувачка за младите кои мислеле дека возрасните кои се на врвот ги имаат одговорите, иако многу од нив воопшто не ги поставуваат вистинските прашања. Сепак, овие времиња може да бидат инспиративни и овие генерации ќе го обликуваат светот.
Фото: Instagram
Тој ги советувал матурантите да не се плашат бидејќи САД поминувале низ тешки времиња и порано. Тој ги охрабрил и да го прават она што мислат дека е правилно и да се водат по вредности кои траат, како чесност, напорна работа, одговорност, почит за другите.
Конечно, Обама ги охрабрил матурантите да изградат нови заедници и да ги остават старите начини на размислување кои прават поделби меѓу луѓето, како полова дискриминација, расни предрасуди, статус, алчност.
- На многу начини, вие веќе започнавте да водите - кажал Обама.
Извор:
bustle.com