X
 14.09.2026 Наша тема

Средношколци од Струмица победија на хакатон во Италија - со 3Д-скенирање и ХР-технологија направија италијанските базилики да бидат достапни за секого

Идејата за проектот се разви во текот на самиот хакатон, инспирирана од богатото културно и духовно наследство на Каша и регионот. Тимот ја препозна можноста XР технологијата да се искористи не само за забава, туку за зачувување и современо претставување на културното наследство. Менторите ги насочуваа учесниците идејата да биде појасно дефинирана, технички изводлива и да има конкретна вредност за корисникот, вели координаторката Марија Рашковска


Марија Рашковска е проектен координатор за Еразмус+, во ДСУ-РЦСОО „Никола Карев“ во Струмица. Нејзиниот тим победи на меѓународниот хакатон „#SHU2026 Young Makers“ кој се одржа во Каша, Италија. Хакатонот обедини над 400 млади луѓе од целиот свет, сплотувајќи ги заеднички да творат на теми за мир со себе, мир со планетата, мир помеѓу луѓето...

Победниците од Струмица со својот проект БазиликаХР овозможија секој да ја доживее убавината на италијанските базилики преку 3Д-скенирање и ХР технологија, овозможувајќи културното наследство да биде достапно за сите од каде било на светот.

- Моментот кога беше прогласен победничкиот тим „БазиликаХР“ беше навистина посебен – мешавина од огромна радост и гордост бидејќи знаевме колку труд стоеше зад тие 48 часа. Особено бев горда што Никола Настев, неодамнешен матурант од нашето училиште, беше дел од победничкиот интернационален тим и покажа иницијативност, креативност и одлична способност за соработка. Сепак, за мене најголемата победа беше што сите наши ученици излегоа од својата комфор-зона и покажаа дека младите од Македонија имаат знаење, идеи и самодоверба рамноправно да создаваат со своите врсници од целиот свет - вели Рашковска.



Добрата идеја станува подобра кога сме отворени за критика


„БазиликаХР“ ги поврзува технологијата, културното наследство и пристапноста. Идејата е преку 3Д-скенирање и XR технологија италијанските базилики да станат виртуелно достапни за секого, без разлика каде се наоѓа. Особено е значајно што технологијата не е цел сама по себе, туку алатка за зачувување и доближување на културното наследство до младите, туристите и луѓето што можеби немаат можност физички да ги посетат овие места. Токму спојот на технологијата, културата и општествената вредност беше една од најсилните страни на проектот.

- Идејата за проектот се разви во текот на самиот хакатон, инспирирана од богатото културно и духовно наследство на Каша и регионот. Тимот ја препозна можноста да се искористи XR технологијата не само за забава, туку за зачувување и современо претставување на културното наследство. Менторите ги насочуваа учесниците идејата да биде појасно дефинирана, технички изводлива и да има конкретна вредност за корисникот. Тоа беше важна лекција – добрата идеја станува подобра кога сме отворени за критика и подготвени да ја доработуваме - споделува Рашковска.

Проектот е изработен за 48 часа и како што споделува Рашковска, најголем предизвик било времето за изработка.
- Учениците требаше со млади луѓе кои претходно не ги познаваа брзо да изградат тим, да ги поделат задачите и од почетна идеја да стигнат до прототип и презентација пред жири. Тоа бараше комуникација, компромиси, одговорност и работа под притисок. Фактот што за само 48 часа успеаја да создадат победничко решение покажува што може да се постигне кога различностите во еден тим ќе се претворат во негова предност - изјавува Марија.

Учење преку реален предизвик

Рашковска вели дека од Италија се вратиле побогати не само со победа, туку со искуства, идеи и нови пријателства.

- Учениците работеа во интернационални тимови, комуницираа на странски јазик и за кратко време создаваа конкретни решенија. Покрај победничкиот „БазиликаХР“, горда сум и на нашите ученици што работеа на „The Voice of Cascia“ и „Rita’s Dare“. Од Каша понесовме нешто што не се мери со награди – сознанието дека и покрај различните јазици и култури, младите многу лесно наоѓаат заеднички јазик кога создаваат нешто заедно - вели таа.



Најважната лекција на учесниците им беше дека разликите во јазикот, културата или образованието стануваат помалку важни кога младите имаат заедничка цел.

- Секој внесува различно знаење, искуство и перспектива и токму тоа ја збогатува заедничката идеја. Дополнителна вредност се пријателствата и контактите што останаа и по завршувањето на хакатонот. Учениците се вратија дома поотворени и посамоуверени дека можат рамноправно да комуницираат и создаваат во меѓународна средина. Ваквите хакатони овозможуваат учење преку реален предизвик. Покрај техничките знаења, учениците развиваат тимска работа, комуникација на англиски јазик, критичко и креативно размислување, управување со времето и решавање проблеми. Учат и дека првата идеја не мора да биде најдобрата – треба да ја преиспитуваат, да прифаќаат повратни информации и постојано да ја подобруваат. Тоа се вештини што ќе ги користат и во идните проекти, образованието и професионалниот развој - подвлекува Рашковска.

Таа им препорачува на сите млади да не чекаат нивната идеја да биде совршена за да започнат.

- Идеите растат кога ги споделуваме, ги преиспитуваме, грешиме и се обидуваме повторно. Нека ги бараат можностите, нека аплицираат, патуваат, запознаваат луѓе и нека не се плашат од неуспех. Победата е прекрасна, но не е единственото мерило за успех. Понекогаш најголемиот успех е да се вратите дома со поголема самодоверба и со сознанието: „Можам и јас.“ Токму од тоа сознание многу често започнуваат големите работи - додава координаторката Рашковска.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема