Земјата е мала, треба да се чува, чувајте ја добро зашто нема друга – Биби и Боби имаат нови стихови да споделат со вас. Овој пат тие се расположени за супер рап-песна „Подајте си рака“ посветена на нашата планета Земја. Текстот го напиша LD Pistolero, а музиката е на диџеј Гоце С.А.Ф.
Слаѓана Вујошевиќ како Биби и Сашко Коцев како Боби ја изведуваат песната, која веруваме дека ќе ви биде омилена летово.
- Можеби звучи чудно, но вистинскиот хип-хоп секогаш цели кон едуцирање и советување на помладата публика, особено лирички. Сето тоа носи одговорност, па јас како артист и текстописец имам одговорност пред тие што ме слушаат. Децата се моја вечна инспирација, небитно дали се мои, твои, црни, бели, зелени или жолти, ги сакам и ги ценам еднакво сите. Соработката со „Светот на Биби“ не ми е прва од ваков карактер, а се надевам нема да биде и последна. Мило ми е што јас и Гоце ја добивме довербата за овој проект, се надевам дека децата ќе уживаат - вели LD Pistolero.
„Светот на Биби“ е еден од ретките авторски проекти за најмладите што дава посебна мотивација, вели диџеј Гоце С.А.Ф.
- Големо е задоволството што учествував во ваков проект, со ваква екипа, за ваква цел! Благодарност за довербата!
Песната е снимена во студиото на диџеј Гоце С.А.Ф.
- Секој нов проект поврзан со „Светот на Биби“ за мене е нов предизвик кој ми буди голема возбуда и задоволство, така беше и со снимањето на новата рап-песна. LD Pistolero многу умешно во стих го опишал целиот свет на Биби и преку сите веќе добро познати ликови испраќа еколошки апел до децата да си ја чуваат планетата Земја. Вистинско уживање е да се соработува со одличниот диџеј Гоце, кој беше задолжен за аранжманот и, се разбира, инструкциите при рапувањето. Снимањето помина низ уживање и смеа, благодарение и на мојот драг и духовит колега Сашко Коцев. Со нетрпение очекувам да излезе песната и да ја чуеме најверодостојната критика, се разбира, онаа од нашите најмали и најмили гледачи и слушатели - вели актерката Слаѓана Вујошевиќ.
Актерот Коцев вели дека им било толку многу забавно додека снимале, што намерно сакале да преснимуваат делови од песната.
- Тешко беше да се снима баш кај гуруто на рапот во Македонија. Признавам дека имав мал притисок дека на миксер беше баш тој, Гоце. Инаку, не снимавме долго зашто текстот веќе беше добро напишан и лекториран, а толку ни беше забавно меѓу сите плочи, миксети и опрема, што не сакавме да си одиме, па баравме уште преснимувања, иако Гоце велеше дека било добро и да не се грижиме. Така што, се надевам дека имаме одличен продукт кој ќе го пеат и родителите, а не само децата.